среда, 15 јули 2009

Почнува Прилепското културно лето

Со „Вечер на оперска музика“, вечер почнува „Прилепското културно лето“. Публиката ќе има можност да го проследи настапот на сопранот Ирена Крстеска, баритонот Кристијан Антовски во пијано придружба на Андреј Наунов. Триото ќе изведе дела од Моцарт, Чајковски, Рахнањинов и арии од Верди.
Традиционалната културна манифестација „Прилепско културно лето”, што ја организира Центарот за култура „Марко Цепенков“, до крајот на август ќе понуди богата и разновидна програма и 30-ина настани - театарски претстави, изложби, концерти со староградска и класична музика, перформанси и циклус-филмови.
Меѓу нив се и настапите на бендот „Џозефин Суспендерс“, хорот од Летонија „Џиедонис“, како и концертите на етногрупата „Баклава“ и на популарната група „Паркети“. Ќе гостуваат театрите од Штип и од Куманово, а ќе се претстават и Прилепскиот театар и Младинското драмско студио при Домот на културата „Марко Цепенков”.
Планирани се и повеќе изложби, меѓу кои е и изложбата на дела создадени на годинашната ликовна колонија „Дрен“.
- Ќе се користат сите расположиви сцени во градот. Покрај двете во Домот на културата „Марко Цепенков“, на располагање се и отворените сцени на плоштадите „Александрија“ и „Методија Андонов Ченто“, изјави Тони Чатлески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“, организатор на културното лето.
Во автентичен амбјент во мариовското село Витолиште, во рамките на прилепското лето, претпремиерно ќе биде изведена претставата „Крпен живот“, што според текст на Стале Попов и драматизација на Блаже Миневски ја режира Владо Цветановск. Со неа на 3 август Прилепскиот тетар ќе настапи на „Охридско лето“.
Прилепското културно лето годинава финансиски е поддржано од Минисетрството за култура.
Извор: МИА