среда, 15 јули 2009

Не сум алергична на сценската прашина

Марија Спиркоска-Илијеска, родена 17.11.1983 во Прилеп; на ФДУ се запишав 2003 година во класата на проф. Владо Цветановски и Мими Таневска, а дипломирав во 2007. Истата година станувам дел од ансамблот на прилепскиот театар

За театарот...
Свето место кое го носам во срцето и во него ја имам вѕидано мојата душа.

За актерството...
Најдоброто училиште за спознавање на сопствената личност и различните способности, но често и откривање на сопствените недостатоци.

За сценската прашина...
Единствена прашина што ја дишам секојдневно, а на која не сум алергична.

За потребата од сцената...
Ја имам секојдневно, без разлика дали ќе пронајдам клуч кој би ми отворил нова врата во животот, различна од таа во која сум била претходниот ден.

За колегите ...
Компактност, искреност и одговрност се основните фактори кои не искачуваат на врвот.

За животот...
Уживам во секоја секунда од мојот живот затоа што ми е подарок од мајки ми и татко ми, а на подарокот секогаш му се радуваме.

За сонот...
Моќно оружје ако ги употребуваме сопствените потенцијали.

За неодиграните улоги...
Во моментов ги има многу, но се надевам дека ќе дојде ден кога ќе можам да ги избројам на прстите ама само од едната рака.

За идејата...
Во мојата глава многубројни и откачени, и патот кој го минувам од момент на првична идеја до ризичен потфат за нејзино остварување секогаш е краток, но, за среќа, успешен и делотворен.

За среќата...
Ја хранам секојдневно со позитивна енергија и константна насмевка на моето лице за да расте и да се зголемува.

За тагата...
Јас сум човек што сака да напредува во животот и затоа тоа деструктивно чувство кое се појавува инкогнито, се трудам колку што можам побрзо да го прелетам.

За играта...
Извор на креативна енергија.

За семејството...
Ѕвезда водилка за моите досегашни успеси.

Извор: Вечер