понеделник, 11 мај 2009

„Јане Задрогаз“ се враќа во Прилеп

По успехот на претставата „Од кол на кол“, режисерот Коле Ангеловски на сцената на прилепскиот театар го поставува текстот „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски. Премиерата ќе биде прикажана во четврток. Ангеловски посочува повеќе причини зошто се одлучил текстот на Горан Стефановски, по 30 години од неговото поставување во Драмскиот театар, повторно да го актуализира на сцената на прилепскиот.
- Текстот спаѓа во класиката на македонскиот театар и е еден од најубавите текстови во нашата драматургија. Составен е од приказни, поговорки, на кои Горан го инспирирало творештвото на Цепенков. Текстот сè уште е многу актуелен. И најважно и најзначајно е што прилепскиот ансамбл сега има таков состав и актерски потенцијал, што оваа претстава е измислена за неговата сцена - објаснува режисерот Коле Ангеловски.
„Јане Задрогаз“ ќе биде гледлива претстава, најавува режисерот.
- Не и е одреден жанрот, зашто во суштина тоа е бајка, приказна за еден народ, за лоша царица и змеј, кој му прави пакост на народот, за трите царски сина и за Јане, кој ќе го спаси народот. Сето тоа ќе биде поставено во една алегориска форма. Се менуваат многу емоции, многу слоеви. Оди од трагедија до многу смешни ситуации. „Јане Задрогаз“ ќе биде гледлива претстава, во која публиката ќе се препознае себеси и ќе ужива додека ја гледа - вели Ангеловски..
Костимограф е Зорица Тодороска, музиката ја напиша Оливер Јосифоски, а кореографијата е на Кренаре Невзати-Кери.

Ангеловски досега во прилепскиот театар има реализирано над 20 претстави, меѓу кои „Солунски патрдии“, „Молам за секс“, „Смешни пари“, „Кумови“ и други.

- Секогаш сум бил радосен кога сум доаѓал да режирам тука, иако зградата се распаѓа. Мирисот што го има театарот, овдешните луѓе прават да работам со големо задоволство. И да се чувствувам многу убаво - вели Ангеловски.
Извор: Нова Македонија