четврток, 16 април 2009

„Тапани во ноќта“ гостува во Хрватска

Прилепскиот театар со најнаградуваната македонска претстава минатата година, „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, од 19 до 22 април ќе гостува на сцените во Бјеловар и во Вараждин, Хрватска. Настапот во Бјеловар е на 20 април, кога претставата ќе биде изведена на седмиот фестивал „Бок фест“. На вараждинската сцена претставата ќе биде изведена на 21 април, во рамките на соработката меѓу прилепскиот и вараждинскиот театар.
Изведбата во Хрватска е петто гостување во странство за Прилепскиот театар со оваа претстава.
Лани „Тапани во ноќта“ се играа на сараевски МЕСС, каде што претставата освои три престижни награди, на љубљански „Експонто“, на белградскиот летен фестивал „Белев“ и на подгоричката сцена.
Од Центарот за култура „Марко Цепенков“ велат дека „Тапани во ноќта“ не само за прилепскиот театар, туку и за македонскиот, е вистински театарски бренд, претстава која плени со својата модерна естетика.
Бјеловарскиот „Бок фест“ почнува на 18 и ќе трае до 30 април, а се одржува под покровителство на градот Бјеловар и Министерството за култура на Хрватска. На него, освен што ќе се прикажат претстави за возрасни и за деца, ќе има и изложби и популарни перформанси.
Извор: Шпиц