сабота, 23 февруари 2008

Нови истражувања на Стибера

Истражувачките задачи на локалитетот Стибера, античкиот град на скулптурите, ќе почнат напролет, а Министерството за култура годинава одобри еден милион денари, со што овој локалитет ќе биде во фокусот на интересирањата на археолозите. - Стибера е антички град каде што постоеле работилници на скулптори и на вајари, и таму се откриени 70-80 отсто од античките статуи и скулптури зачувани во целост. Со повеќе заложба Стибера може да стане интересна туристичка дестинација, вели директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Минатата година таму беше пронајдена и статуа на херкуланка, стара 19 века, која во својот двор ја откопа Васко Дебрешлиоски од селото Чепигово. Меѓу проектите што Министерството за култура ги одобри на прилепскиот Завод и музеј се и истражувачките и конзерваторски работи на манастирот Трескавец со црквата „Успение на пресвета Богородица“. Овој манастир е меѓу стоте најзагрозени споменици во светот. Оваа година ќе почне и првата фаза за зачувување на фрескоживописот во црквата „Свети Никола“ во Мариово, единствен по ликовите на фреските големи и по два и пол метра. Работите на теренот почнуваат во март, а од прилепскиот Завод и музеј не беа подготвени да ни дадат какви било информации.- Не се комплетно завршени сите проекти за работа на терените. Деновиве ќе имаме поконкретна подготовка на стратегијата за работа и екипирањето на тимот што ќе работи, вели Гордана Даниловска-Спировска, директор на прилепскиот Завод и музеј. Издвоени се пари и за конзервација на дел од Маркови Кули, кои се на листата на природните реткости, како и за стабилизирање на Саат-кулата.
Извор: Шпиц