вторник, 19 февруари 2008

58 години од првата претстава во Прилеп

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ вечерва ќе одбележи 58 години од изведбата на првата премиера со која театарот ја почна својата дејност во 1950 година. Ансамблот ја почна работата со претставата „Кир Јања“ од Јован Стерја Поповиќ, во режија на Аце Михајловски. Од тогаш до денес, во оваа куќа се одиграни 350 премиери и речиси 7.000 претстави, пред околу еден милион и четиристотини илјади гледачи.
- Со бројните настапи на матичната сцена и со гостувањата во земјава и во странство, со наградите добиени на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и на други фестивали, може да се пофалиме дека прилепскиот театар бил школа за многу наши доајени-изјави Стојан Дамчески, директорот на театарот. Според него, театарот е квалитетно доекипиран со млади актерски имиња, кои како и нивните искусни колеги, може да излезат на крај со улогите во класичните и во современите драмски остварувања.
Проблем со кој во моментов се соочува театарот е просторното решение бидејќи ансамблот се уште работи во истите услови од пред шеесетина години.
- Иако со новата организација од пред неколку години театарот е дел од Центарот за култура „Марко Цепенков“ и ја користи големата сцена на домот, сепак на матичната сцена и на објектот им недостига целосно реновирање. Пожелно би било да се бара нова локација, но тоа засега останува само голема желба на театарските уметници - додава Дамчевски.
Театарот во моментов ја подготвува претставата „Глави“, според текст на Петар Петрески, во режија на Бранко Ставрев, прва од петте претстави што се на програмата за оваа година. Премиерата се најавува за крајот на март.
Извор: Време