вторник, 6 јануари 2009

На Стибера ќе се копа и годинава

На античкиот локалитет Стибера, кај прилепското село Чепигово, според археолозите, активно ќе се ископува и годинава. Мермерните статуи што континуирано се откриваат во Стибера се вбројуваат во ретките од таков вид.

Изминатата 2008 година, велат надлежните, понуди нови сознанија за градот кој активно живеел од 3 век п.н.е. до 3 век од нашата ера. Најголем број артефакти нуди гимназиумот - градба која е единствена во македонските антички локалитети.
Инаку, во Стибера досега се пронајдени 31 мермерна статуа. Повеќето се во Музејот на Македонија, а дел од нив можат да се видат и пред Владата. Есента беа откриени три мермерни глави, на маж, жена и на младо момче, но и три статуи - на божицата Нике, на момче Ефеб и на млада жена. Пред повеќе од една година жител во својата нива пронајде голема мермерна статуа на херкуланка. Овие откритија укажуваат дека Стибера бил значаен културен ценар во антиката, со дваесетина илјади жители.

Според министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, приоритети во археологијата за оваа година е целосно да се истражат и скопската тврдина Кале, Хераклеа, Марвинци, а Стоби во рок од три години. Во текот на 2008 на 15 археолошки локалитети на кои се работело, евидентирани се 10 996 археолошки предмети.
Извор: Вечер