четврток, 22 октомври 2009

Промовирана монографијата „Прилепските ликовни уметници”

Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ја промовираше монографијата „Прилепските ликовни уметници”, во која се застапени 157 ликовни уметници, скулптори, фотографи и карикатуристи од Прилеп, од почетокот на 19 век до денес.

- Ова е прв обид вака обемно да се опфати ликовното творештво на прилепските уметници. Со ова се потврдува дека Прилеп е расадник на културни работници, на уметници, на творци, изјави Петар Петрески, директор на Библиотеката која ја објави монографијата.

Етнологот Александар Цветкоски истакна дека се работи за книга за прилепскиот ликовен феномен и дека книгата е мала енциклопедија за артизмот, ликовното творештво во Прилеп.

- Таа се обидува да го објасни духот на Прилеп кој има огромна творечка продукција. За тоа говорат и фактите дека голем дел од македонските, не само уметници, туку и писатели се по потекло од Прилеп, што е навистина своевиден феномен, рече Цветкоски.

Монографијата за прилепските ликовни уметници ги опфаќа и четворицата зографи од 19 век - Адамче Јанев, познат како Адамче Зограф, Јован Атанасов-Прилепчанец, Димитрија Андонов–Папрадишки и Ѓорѓи Зографски.

Ова е второ дело што го издава Градската библиотека „Борка Талески“. Првото беше посветено на прилепските писатели и насловено „Прилепското писмо”. Планирана е трилогија која догодина ќе биде комплетирана со монографија за прилепската музичка традиција.

Извор: Кирилица