среда, 24 јуни 2009 г.

Прилеп да има езеро, по можност Охридското!

ВО ПРВО ЛИЦЕ: ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ, АКТЕР
Дипломиран актер кај гуру В.Ц. и М.Т. моментално борец во слободен стил, да не речам слободен уметник, оти во последно време уметник може и погрешно да се сфати. Во подзнак ПАНКЕР...

За сценската прашина... Одговорно тврдам дека многу подобро е да се движиш низ сценска прашина отколку низ сценски измет. Ова второво смрди за разлика од прашината која изгледа како stardust* под рефлектор.

За убавото... За бесконечни прегратки, насмевки, бакнежи... за една руса коса низ прстиве, за мама, тато и бато, за сите домашни и диви животни, за сите добронамерници кои викаат добар ден и навистина веруваат во добрината на денот...

За грдото... Море... за убавото

За сонот... Сонувам еден ден да ги видам Боб Дилан, Том Веитс, Дарко Рундек, Данил Хармс, Винсент Ван Гог, Џек Лондон, Марко Крале, Муарем Сербезовски, Брус Ли и Силвестер Сталоне, на иста маса во меана како пеат македонска народна песна, а Хитлер (џгољавото келнерче со смешни мустаќиња) ги служи со пиво... А!... и Прилеп да има езеро, по можност Охридското.

За јавето... На тешко да издржиме, на лесно секој може...

За љубовта... Или за Бога... нека е клише, ама силно верувам во бесконечната љубов на поредокот на нештата, во мајката Природа (или таткото Природ), која случајно или не, во разните религии може да се сретне под името Јехова, Алах, Господ, Зевс, Буда итн.

За колегите... Актер (погенерално уметник) не е професија, тоа е националност, па така колегите повеќе ги сметам за сограѓани на една држава која за жал, се уште се труди да го измисли својот јазик и писмо...

За речта... За бескрајната низа на убави нешта кои можеме да си ги кажеме едни на други. А и не мора, доволно е да си се насмевнеме.

За недореченоста... "Ако имаш нешто недоречено,
Нешто што те притиска и пече,
Закопај го во длабока тишина,
Тишината сама ќе го рече..."

За неодиграните улоги... За Хамлет

За пријателите и душманите... Сите ќе умреме

За детето во мене... Тоа е движечката сила што ме тера да правам работи кои на сите останати (па дури и на старецот во мене) им се чинат глупави, а подоцна излегува дека биле крајно мудри и полезни решенија. На пример, мојата одлука да станам професионален фудбалер и да играм во Јувентус...

За крај... Јазикот коски крши...Тешко кој го нема...

Извор: Вечер