петок, 31 август 2007

Прилепскиот Народен Театар работи на нова претстава

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ почна со работа на новата претстава „Железниот светилник“ која се најавува како голем мултимедијален проект.
Претставата е според романот на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски и во драматизација на писателот Трајче Крстески.
- Возбудлива е приказната што во романот ја раскажува Талев со нарација слична на оваа на нобеловецот Андри. Сметам дека оваа година кога Прилеп е град на културата треба да се направи претстава која ќе биде одраз на градот кој постоел и се уште постои во старите градби во чаршијата. Во претставата се следи драмата на семејството на Стојан и Султана Глаушеви, вели режисерот Цветановски.

Тој ќе користи видео и сценски ефекти за да го долови тогашниот Прилеп во функција на целосно обликување на претставата.

За писателот Трајче Крстески предизвик е да се преведе од бугарски и да се драматизира делото на Талев. Актерот Владо Јованоски, кој заедно со Александра Пешева се повикани во претставата, првпат соработува со прилепскиот ансамбл и по 15 години во МНТ првпат е на сцената на друг театар во градовите во Македонија.

- Приказната допира, ја бранува душата и е ново искуство, вели Јовановски.

Покрај целиот ансамбл на прилепскиот народен театар во подготовките на „Железниот светилник“ вклучени се и пензионираните актери Благоја Спиркоски Џумерко и Трајче Иваноски. Сценографијата е на Владо Ќорески, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Оливер Јосифовски. Ова е првпат да се поставува Димитар Талев на сцената на прилепскиот театар.

Преземено од МИА

четврток, 30 август 2007

Се реактивира киното

Вечерва (20.00 часот), по долги години пауза, со циклус на европски филмови во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп се реактивира старото кино.
„Оваа сала има идеални услови, а поседуваме и соодветна техника, и ќе сториме се да и овозможиме вистинско уживање на публиката пред незаменливиот голем екран“, вели директорот на Центарот за култура Тони Чадлески, кој соработува со МКЦ од Скопје, а најавува циклуси и од кинотеката на Македонија и од „Јадран филм“ од Загреб.

среда, 29 август 2007

Шинтерска служба

Колку грдо изгледа кога ќе шеташ низ градов, а околу тебе насекаде ти се мотаат кучиња скитници. Проблемот е особено забележлив навечер. Додека мирно си шеташ или си седиш во парк, ќе се појави некоја група на кучиња која ти го одзема мирот. Тие меѓудругото се потенцијална опасност и за помалите деца кои во летниот период ги има во зголемен број низ градската чаршија. Не знам дали во скоро време имаат нападнато некого, но без разлика самото нивно појавување создава лоша слика за централното градско подрачје. Затоа постоењето на шинтерска служба треба да се стави во приоритетите на локалната власт. Мислам дека моментално за ваквите кучиња се грижи јавното претпријатие „Комуналец“ кој и не прави баш многу за решавање на овај проблем. Во пакет може да оди и создавањето на некој стационар за нивно чување.
Да појасниме на борците за правата на животните. Овие служби не ги убиваат кучињата, туку само ги кастрираат за да не може да се размножуваат и повторно ги пуштаат на слобода. Доколку пак би постоел стационар, тие би можеле да се чуваат и да се негуваат таму се до нивната природна смрт. Така ќе бидат задоволни и здруженијата за заштита на животни бидејќи тие не се убиваат но и граѓаните бидејќи нема да им сметаат и да се плашат од евентуални нивни напади. Градоначалниче, Вие сте на потег!

Лош почеток за Победа

Се одиграа четири кола од новата сезона а нашиот тим има освоено само 5 бодови. Ако на тоа се додаде дека на домашен терен одигравме три средби може да се заклучи дека стартот е повеќе од незадоволителен. Една победа против Башкими, две нерешени натпревари со Работнички и Ренова и пораз од Македонија ЃП.
Бранителот на титулата, откако беше срамно елиминиран од квалификациите за Лигата на Шампиони продолжува со слабата игра и во домашното првенство. Впрочем ваквиот настап и беше за очекување откако двајцата најдобри играчи од минатата сезона Тони Мегленски и Владо Марковиќ го напуштија тимот, а соодветно не беа ангажирани достојни замени. Или подобро кажано не беа ангажирани никакви замени. Раководството не се потруди да донесе играчи кои достојно ќе го носат дресот на Победа туку зеде неколку потпросечни играчи од нискоквалитетни екипи од Србија. Сега прашање е дали може овај состав да се врати во игра во продолжението на првенството или ќе бидеме само гледачи на борбата за титула?
Прилепската публика е гладна за добар фудбал. Секој натпревар е надеж за враќање на старите добри времиња. Но засега не може да стане ни збор за тоа. Оние кои што треба да се грижат го уништија фудбалот на денешницата.

вторник, 28 август 2007

Морталити

„Морталити“ е еден од најдобрите Македонски метал бендови во денешно време. Свират мелодичен дет метал и кон крајот на минатата година го снимија својот прв професионален, сплит албум заедно со канадската група „Mark of Cain“. Бендот е составен од тројца членови, Боби - вокал и гитара, Горјан - бас гитара и Драган - тапани. Имаат учествувано на „Рок Фест“ во 2006 како и на многу други свирки во Прилеп, Скопје, Битола, Кичево... Без разлика каква музика слушате Ви препорачувам да го симнете албумот од пет песни и да ја почувствувате енергијата која доаѓа од нивната музика.
Морталити - Сплит албум (2006)

Македонски Синови


Мислам дека нема потреба од некое посебно претставување. Рап групата „Македонски Синови“ за кратко време постана забележлив симбол на Прилеп со своите песни во кои тематиката воглавно е со социјална и патриотска содржина. Засега имаат издадено еден албум, неколку синглови и еден спот. Наскоро очекуваме уште нови песни од нив, а дотогаш може да се потсетиме на она што го имаат сработено досега.
Спотот за песната „Ритамот под Кулите“
„Волци“
„Притвор за педерите“

Елена Петреска втора на Охридски Трубадури


Нашата пејачка Елена Петреска го освои второто место од публиката на поп вечерта од интернационалниот музички фестивал „Охридски Трубадури“ што се одржа викендов во Охрид. Таа ја испеа песната „НЛО“ од авторите Владимир Дојчиновски и Ристо Самарџиев. Победник од публика беше Адријан Гаџа, додека третото место го освои Роберт Билбилов. Наградите од жирито ги освоија, дуетот Елвир Мекиќ и Маја Саздановска, Нокаут и Ема Гариќ од прво до трето место соодветно.

понеделник, 27 август 2007

За почеток

Блог за Прилеп и сите настани кои што ќе се случуваат во нашиот град. На ова место ќе презентираме се што е ново, добро и што заслужува промоција на интернет.
Доколку сте заинтересирани за соработка слободно пишете и ќе се договориме.