среда, 30 април 2008

Прилепски моден фестивал

Изминатиов викенд во Прилеп се одржа најавуваниот велигденски моден фестивал наречен Prilep Fashion weekend. Дел од настанот со свои креации беа Ненад Секирарски, Лепосава Дабеска и Томас - style, како и најпознатите бутици од Прилеп - Лукас и Дивано со светските брендови Енерџи, Мис сиксти, Стаф, Соул ејџ, Ред соул, Хепенинг, Оптил - очила, и Санда - Ист комерц, долна облека и костими за капење.
Моделите ги носеа манекени и манекенки од модното студио "Црнокрак", а за нивниот изглед се погрижија професионални шминкери и фризери од студиото и "Академија Авангард" од Скопје.
Извор: Вечер

вторник, 29 април 2008

Крстевски на изложба на мејл-арт

На Меѓународниот салон на уметничка пошта во галеријата "Шапел" во градот Дреуџ, Франција со свое дело учествува македонскиот уметник Златко Крстевски, покрај уметници од четиринаесет земји: Франција, Јапонија,САД, Луксембург и др.. Тема на изложбата е " Четирите времиња на мејл-артот". Изложбата дава акцент на овој креативен израз кака безвременска уметност, ослободена од разни стеги и бариери, давајќи му предност на слободниот уметничкиот чин.
Извор: Вест

четврток, 24 април 2008

Во Зрзе откриен монашки комплекс од 9 век

Во прилепскиот манастир „Свето Преображение“ во Зрзе, е откриен богат монашки комплекс кој датира од 12 век или два века порано од досегашните научни наоди. Во пештерата од бигорната карпа под сегашната манастирска црква, откриена е пештерска црква која најрано е датирана во 12 век. До црквата имало трпезарија, работилница за монасите, а констатирани се и 11 целини со 30 испоснички ќелии на четири ката. Секоја ќелија ја користел еден монах. Екипата археолози и конзерватори невестува дека при натамошните истражувања ќе се откријат уште десеттина други испоснички ќелии.

Ова неверојатно откриетие, велат стручњаците, го ситуира манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе во нов научен, културен и религиски контекст, зашто постојат индиции дека има културни слоеви од 9 век. „Иако ова е прва фаза од истражувањата, не е прехрабро ако се каже дека овој монашки комплекс по својот обем и материјални појави кореспондира во религиска смисла со климентовиот комплекс во Охрид. Значи, една врска во религиозната историја, визави културната, визави политичката историја“, вели Бранислав Ристески, координатор на проектот.

Според Владиката Климент, резултатите од овие истражувања се потврда на верувањата на монашкото братство кое една декада живее во манастирот во Зрзе. „Има цврсти претпоставки дека со натамошните истражувања временската хронологија и датирање ќе стигне до 9 век и овој монашки комплекс ќе го изедначи со обновувањето на климентовото монаштво на Плаошник, кое е еден век постаро од Светогорското монаштво. Првата фаза од археолошките истражувања е повеќе од успешна, бидејќи монашката населба која досега беше бледо и патем споменувана во 14 век, веќе сигурно е поместена во 12 век“, изјави Владиката Климент.

На горното плато од денешниот манастир е откриена доцна античка населба од 4 век. Особено значаен сегмент од оваа акропола е ранохристијанската базилика која почетно датира од 5 и 6 век, а е лоцирана на издвоено плато на север од денешниот манастир. „На платото над бигорната карпа на простор од 4 до 6 хектари откриени се контурите на акрополата. Оваа населба не била дефанзивна. Имала повеќе управно-политички карактер. Оградена е со бедем со широчина до 1,40 метри, но до крај не е дефинирана. Дел од фазите треба да се истражат. Во секој случај, остатоците од бедемот се видливи на влезот на манастирот, па со досегашните сондажни истражувања јасно е издвоена доцната античка фаза“, вели координаторот Ристески.

Откриени се и многу површински објекти, низа материјали, движни наоди, садова керамика, стаклени садови, метални орудија...

Инаку, овој проект ќе биде финансиран од Министерството за култура со 560 илјади денари.
Извор: Утрински Весник

среда, 23 април 2008

Fashion Week

Fashion Week(end) Prilep

Сабота 26.04.2008:
-Лепосава Дабеска Јанакиевска (Колекција 2008)
-Happening (Пролет-лето 2008)
-Санда (Долна облека)
-Tomas Style (колекција 2008)

Недела 27.04.2008
-Ненад Секирарски (Колекција 2008)
-Avangarde (Ревија на фризури)
-Санда (Костуми за капење)
-Дивано
-Лукас


Место: Кристал Палас
Почеток: 20.30 часот
Влезница: 150 денари

Драма за самоуништувањето-Кон праизведбата на „Песијазол“

Пишува: Иван Ивановски

Кога точно пред шест години (април 2002 година), младиот драмски писател Петар Петрески се појави со својот драмски превенец „На трета мајка“ во театарот во градот под Маркови кули, во кој живее и создава, не беше којзнае колку тешко да се забележи неговото несомнено талентирано присуство. Тоа не само што се потврди, туку стана уште поевидентно со неговата неодамнешна драма, втора по ред - пиесата со метафоричен наслов „Песијазол“, која беше праизведена, исто така, на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, со што беше означена афирмација на уште еден роднокраен драматург.
Напредокот, постигнат во споменатото најново драмско дело на Петрески, е повеќе од очигледен и тој најмногу се рефлектира во многу подлабоката образложеност и побогатото развивање на ликовите и настаните, кои овој пат не се толку скромни како во неговиот дебитантски драмски текст, а, исто така, и во продлабочувањето на јазичните валери, поетски созвучја и слично. Текстот за кој станува збор ја следи одисејата, т. е. почнува со хаотичното бегање на неколкумина комити на чело со војводата пред потерата од турскиот аскер наоѓајќи засолниште во предворјето на една црква. Овде нив ги прифаќа никој друг, туку една група душевно болни луѓе. За да спасат глава, за да не бидат откриени, комитите решаваат да ги следат постапките и однесувањата на „домаќините“, од чиишто погледи на животот, од чијашто филозофија и постапки не се знае колку се луди, и кој од нив е полуд од другиот!
Независно од тоа што оваа пиеса не пренесува во минатото и говори за него, таа мошне впечатливо кореспондира, т. е. ги проблематизира сегашните наши состојби понудувајќи ни два слоја - првиот е изразеното чувство за типично народско Цепенково јазично кажување, на места преточено во стихувана форма, а вториот слој се состои во прикажувањето на длабоките човечки лузни, на големата драма на луѓето затворени во својот сопствен свет, во кој има широк простор за сонувања и мечтаења, во кој секој посебно и сите заедно ја носат трагиката на свето постоење со синдромите што низ вековите ги следат - самоуништувањето, кодошењето, малодушноста. Тоа што јасноста и образложеноста на некои од поклучните сцени и ликови не се доведени до усвитеност, до внатрешна експлозија, што ќе рече дека не наоѓаат уште поголем израз, е повеќе резултат на плаќање данок на неискуството на пат на совладување на занаетот, отколку на отсуство на креативна немоќ...
Сепак, земено во целина, младиот автор по малку невообичаеното драмско дејство го води сигурно и мошне занимливо, прелевајќи го трагичното и комичното, апсурдното и алогичното... Благодарение на мошне сериозниот и комплексен ангажман на режисерот Бранко Ставрев, прилепската публика имаше можност да види повеќеслојна, мошне впечатлива сценска реализација, која остави впечаток со својата продлабочена и цврста концепција, со успешното поврзување на сите компоненти во изведбата, со убавата динамика и со темпото, со релјефно оцртаните ликови и сцени, што не беше случај со постановката на претходната пиеса на Петрески - „На трета мајка“. При оформувањето на „Песијазол“, како и во низа други негови постановки, Ставрев се определува за современа насоченост на текстот, што подразбира избегнување на традиционалните и конвенционални режисерски манири и обезбедување асоцијативна рамка.
Од друга страна, иако во случајов не станува збор за камерна драма (во неа беше вклучен целиот изведувачки состав) , гостинскиот режисер дејството го сместува на сцената на која се наоѓа и публиката, на тој начин воспоставувајќи директен, уште понепосреден контакт со гледачите. Беше, исто така видливо дека со својата искусна рака, режијата го имаше обединето актерскиот ансамбл во една динамична целина, па иако во случајов се работеше за една строго колективна игра, сепак би требало да се издвојат креациите на Марјан Чакмакоски, Најдо Тодески, Андон Јованоски, Димитар Вандески и Трајче Иваноски, кој како пензиониран актер играше речиси препородено, впрочем како и поголемиот број негови помлади колеги.
Во духот на продуктивните режисерски замисли прозвучи музиката на Златко Ориѓански, а сцената и костимографијата, што ги потпиша режисерот Бранко Ставрев, исто така, мошне функционално беа вклопени во стилот и во духот на изведбата...
Објавено во: Време

понеделник, 21 април 2008

Поставен камен темелникот на катната гаража

Во центарот на Прилеп, во близина на автобуската станица, е поставен камен-темелник за изградба на нова, современа повеќекатна гаража, со капацитет од 324 паркинг-места. Новиот објект ќе зафати површина од 10.000 квадратни метри, а на 1.800 квадратни метри ќе има деловни простории. Струмичката фирма „ДМ оил“, која го доби тендерот во проектот катна гаража, ќе инвестира околу три милиона евра, а прилепското претпријатие „Теракота“ ќе биде изведувач на градежните работи,
„На Биеналето на Здружението на архитекти на Македонија, проектот беше прогласен за најдобар“, вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски. Министерот Јанакиески најави дека прилепската касарна за кусо време ќе се урбанизира и ќе прерасне во индустриска зона. За таа цел се воделе преговори со Стопанската комора на Македонија.
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески информираше дека овој месец ќе биде објавен и тендер за изградба на нова автобуска станица, која од сегашната локација ќе се пресели кај железничката станица.
Извор: Утрински Весник
За настанот: Вечер, Prilep.gov.mk

среда, 16 април 2008

Археолошки истражувања во манастирот во Зрзе

Во монашките ќелии околу манастирот „Свето Преображение“ во прилепското село Зрзе деновиве ќе почнат првите археолошки истражувања. Ископувањата ќе ги спроведат стручњаци на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп. Проектот го финансира Министерството за култура со 250 илјади денари.Просторот под манастирот бил голем монашки комплекс. Истражувањата ќе се вршат на монашките ќелии во две фази. Досега таму не е истражувано, иако очекувам значајни наоди - вели археологот Бранислав Ристески, археолог, директор на Институтот за старословенска култура во Прилеп. Манастирот и црквата „Свето Преображение“ се изградени на бигорна карпа над селото Зрзе. Оддалечен е од Прилеп околу на 25 километри. Епископот хераклејски Климент и монашкото братство го избраа манастирот за свој христијански дом. Црквата располага со ретки икони и фрески. Една од нив е иконата „Исус Христос“ што ја изработил зографот Јован во 1393 година и „Богородица Пелагонитиса“ од зографот Макарие, изработена во 1422 година.
Извор: Дневник

понеделник, 14 април 2008

Две значајни победи на нашите екипи

Победа-Македонија ЃП 2:0

Фудбалерите на Победа конечно забележаа победа на домашен терен совладувајќи ја екипата од Ѓорче Петров со 2:0. Головите ги постигнаа Гешоски и Дамески. Следното коло на програмата е пелагониското дерби во Битола со екипата на Пелистер каде е најавено и гостување на навивачката група „Мајмуни“.

Тут Ком-Пролет 34:30
Ракометарите на Тутунски Комбинат продолжуваат со грчевитата борба за опстанок. Во саботата пред празни трибини славеа против гостите од Кисела Вода со 34:30. Со овај натпревар беше одработена казната од РФМ и од следниот натпревар ќе се игра во присуство на верните навивачи.

петок, 11 април 2008

Изложба на Хаџи-Николов

Триесет и петтата самостојна изложба на македонскиот сликар Стефан Хаџи-Николов ќе се отвори вечерва (19 ч.) во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе бидат изложени 20-тина дела од најновиот творечки период на авторот, односно слики со фигуративна тематика, како и апстрактни композиции. Ова е прво претставување на Хаџи-Николов во Прилеп.
Извор: Вечер

вторник, 8 април 2008

Интернет портали

Бидејќи блогов служи за промовирање на се што има некаква врска со Прилеп, редно е да се запознаеме со неколку интернет портали кои што се направени од „дечки“ од нашиот град. Можеби подобро ќе беше да ги претставев еден по еден и да напишев по некој ред за секој од нив, но сепак решив ова да биде кус пост само со линкови кон нив. Вие слободно можете да оставите коментар што мислите за нив.

среда, 2 април 2008

Music4Life

Хуманитарната акција „Музика за живот“ или „Music4Life“ е наменета да им помогне на Андријана и Менде да заминат на операција во Америка. Со присуство на концертите и со донација на жиро сметките или по телефон и Вие можете да помогнете да спасиме два млади животи.
Андријана Ристеска
ж-ка 300021000004948

Менде Ристески
ж-ка 300-0210000048-51
во Комерцијална Банка, Прилеп
телефонски број: 070 143 143

вторник, 1 април 2008

Премиера на „Песијазол“

Претставата „Песијазол“, по текст на Петар Петрески и во режија на Бранко Ставрев, премиерно ќе биде изведена на сцената на прилепскиот театар, утревечер, од 19.30 часот. За режисерот Бранко Ставрев, на кој оваа претстава му е седма режисерска постановка во Прилепскиот театар, „Песијазол“ има голема симболика и поврзаност со денешните актуелни случувања. - „Песијазол“ е претстава за големите човечки будалаштини, кога умот ќе стане непотребен како старо рало - вели Ставрев. „Песијазол“ е најновиот драмски текст на Петрески, првобитно насловен како „Глави“. - Група комити, група душевно болни, турска потера, чуден капетан и едно колебливо сонце и сите на купче в манастир, тоа е „Песијазол“ - вели авторот Петрески. Во претставата учествува целиот ансамбл на прилепскиот театар, а музиката ја изработи Златко Ориѓански.
Извор: Време