четврток, 29 ноември 2007

Инсталација "SFRJ GO HOME"

Инсталацијата "SFRJ GO HOME" на ликовниот уметник Златко Крстевски, ќе биде поставена денеска (18 ч.) во Уметничката галерија "Марко Цепенков" во Прилеп. Уметникот Крстевски вели дека станува збор за антимилитаристичка, заедничка визија за некогашната СФРЈ како интегрирано општество, преку демистификација на комунистичките митови создадени за време на распадот на Југославија пред и потоа, како промовирање на нови заеднички вредности за сите граѓани на Македонија.
Отпечатени се и седум картички - по една за сите екс-републики, и една колаборативна со знамето на СФРЈ. На сите знамиња се претставени и мечиња како сатирична визија.
Делото ќе биде претставено во Белград на меѓународниот фестивал Опен њорлд", а делови во форма на мејл-арт ќе бидат испратени на изложби во Италија, Франција и САД.
Извор: Вечер

вторник, 27 ноември 2007

Стоп за убивањето на кучињата!

Пред неполна година бев сведок на суровото, нехумано убивање на кучињата скитници. Верувам дека не бев единствената (тоа се случи во Точила околу полноќ и на улиците имаше повеќе претежно млади луѓе што пукањето не го правеше само грозна глетка, но и опасна) која се најде изреволтирана и згрозена од таквата сурова, нехумана и варварска постапка која се случуваше пред наши очи.
Од овој настан не бев само јас засегната, погледнете што се пишуваше на интернет: Прилеп, град убиец на кучиња, иако претпоставувам и на други места луѓето реагираа.
Но тоа беше пред неполна година, сега како што дознав кучињата се ловат и потоа се успиваат. Тоа не ми се чини ништо похумано и поцивилизирано. Убивањето си е убивање, но овојпат тоа не се случува пред очите на прилепчани. Контактирав со некои здруженија за заштита на животните и добив повратна информација дека успивање (еутаназија) на животни не е дозволено во никој случај, освен во исклучителни ситуации кога животното е многу болно, а ветеринарната помош не може да помогне.
Како најдобро и најхумано решение се смета и практикува, според европски стандарди: ловење, вакцинирање, евентуално кастрирање, а потоа или вдомување или повторно враќање на улица.
Колку што знам во Битола и Скопје веќе има стационари што функционираат. Кога може таму, сигурно може да се најде некое поцивилизирано решение и во Прилеп, зошто сепак се стремиме Прилеп да биде европски град, нели?

Менче З.

п.с. Благодарност до Менче за испратениот текст. Воедно ова нека биде апел и другите читатели да праќаат свои текстови.

понеделник, 26 ноември 2007

Порази на Победа и 11 Октомври

Ренова-Победа 2:0

Нова разочарувачка игра на фудбалерите на Победа и пораз во Тетово од домашната Ренова со 2:0. На табелата Победа е шеста со 21 бод. Наредниот викенд во Прилеп ја пречекуваме екипата на Цементарница против која се очекува сигурна победа.

11 Октомври-Вардар 1:3
Пораз доживеаја и одбојкарите на 11 Октомври кои не ги постигнуваат посакуваните резултати во новата сезона. Во саботата загубија од Вардар со 1:3 (21:25, 26:17, 23:25 и 16:25). Раководството на тимот мора да направи анализа и да ги утврди слабите резултати. Особено што вината треба да се бара на нивна страна во смената на тренерот на самиот почеток од првенството.

Станојоски одличен на турнир во Белград
Нашиот шаховски велемајстор Звонко Станојоски (2467) игра одлично на стартот на 20-тиот Трофеј на Белград што се одржува во Обреновац. Тој оствари победа во првите три натпревари и се наоѓа во групата на шахисти со максимални поени. Досега оствари победи над Небојша Весовиќ (2106) од Црна Гора, Драган Савиќ (2229) од Србија и против Бранко Станоевиќ (2300) исто така од Србија.

Наумоски повторно погодува
Фудбалскиот интернационалец Илчо Наумоски беше стрелец на израмнувачкиот гол за својата екипа Матерсбург во натпреварот против Рид. Со голот во последната минута ја спаси од пораз својата екипа која се наоѓа на 4-то место во австриската прва фудбалска лига. За Матерсбург целиот натпревар го одигра и Гоце Седлоски.

петок, 23 ноември 2007

Петти меѓународен фото салон „Визант“

Во уметничката галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вчера беше отворен Петтиот меѓународен фото салон „Визант“. Селектерини се околу шеесетина фотографии од 120 автори од 28 земји.
Добитник на овогодишното Гран при е Херман Чатер од Словенија, а прва награда освои Куели Христина Бриди од Бразил. Второнаградена е Маја Медиќ од Србија, а третонаградена е Ивана Милиќ од Хрватска. Во рамки на фото салонот се доделува и специјална награда, овојпат таа му припадна на Теодор Раду Пантеа.
Ирена Паскали, Владимир Секуловски, Роберт Брсакоски и Златко Крстески се учесници од Македонија. За фото салонот е публикаван и каталог во формат од 32 арт-разгледници. Изложбата е во организација на Центарот за визуелни уметности „Визант“ и е независна културна акција.

четврток, 22 ноември 2007

Ретро слика

Екипата на Р.К.Тутунски Комбинат на последниот натпревар во салата „Македонија“ пред да изгори во големиот пожар на 12.06.1993.

вторник, 20 ноември 2007

Младост лидер во пингпонгарската Супер-лига

Пингпонгарскиот тим на Младост оствари победа од 0:5 на гостувањето во Крива Паланка против истоимената екипа. Со 12 поени, Младост се наоѓа на првата позиција на табелата и во наредното коло ќе игра со минатогодишниот шампион Југококта.
Илчо Наумоски беше стрелец на вториот гол за репрезентацијата на Македонија која во саботата славеше над Хрватска со 2:0. Одлична партија прикажа и капитенот на нашата фудбалска репрезентација Гоце Седлоски.
Екипата на 11 Октомври овај викенд беше слободна во одбојкаркото првнество на Македонија. Поради репрезентативните настапи одмараше и екипата на фудбалскиот клуб Победа.
Ракометарите на Тутунски Комбинат беа убедливо поразени на домашен терен од екипата на Металург со 24:33. Натпреварот се одигра порано од предвидениот термин поради настапот на скопјани во европските купови. Во следното коло Тутунски му гостува на Вардар ПРО во Скопје.

понеделник, 19 ноември 2007

Стрип антологија „Преку границите“

Ви издание на центарот за визуелни уметности „Визант“ од нашиот град е објавена стрип антологија „Преку границите“. Во неа се застапени бројни автори од Македонија: Атанас Ботев, Иванка Апостолова, Наташа Андрееска, Дмитриј Михајлоски, Горан Дачев, Миле Ничевски и Златко Крстески. Од странските автори застапени се: Нини Буњевац од Канада, Питер Купер од САД како и повеќе уметници од Холандија и Австралија. Антологијата е на 22 страници и ќе биде промовирана на меѓународниот фестивал во Москва.

четврток, 15 ноември 2007

Концерт на КУД „Моминок“

Во недела 18.11 свој концерт ќе одржи културно уметничкото друштво „Моминок“ од нашиот град. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток од 18.30 часот. Гости ќе бидат КУД „Бучим“ од Радовиш и КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод. Влезницата е 30 денари.

среда, 14 ноември 2007

Индивидуален блогер

вторник, 13 ноември 2007

Кампања „GNU/Linux - мојот пријател”

Во организација на ЛугоП - Linux групата на корисници од Прилеп, во тек е кампањата „GNU/Linux - мојот пријател” која што има за цел промовирање на споменатиот оперативен систем. Кампањата опфаќа предавања и презентации во сите средни и неколку основни училишта во градот. Почетокот беше во О.У. „Климент Охридски“, наредната презентација е во СОЕПТУ „Кузман Јосифоски - Питу“ на 14 Ноември, а потоа следуваат СОУ „Ристе Ристески Ричко“ на 19 Ноември, гимназијата „Мирче Ацев“ итн. Напредокот на кампањата можете да го следите на блогот од координаторот на ЛугоП.

Technorati Tags: , , , , .

понеделник, 12 ноември 2007

Викенд резултати

Башкими-Победа 3:4
Иако губеа со 3:0, фудбалерите на Победа направија целосен пресврт и успеаја да се вратат со три бода од гостувањето во Куманово. Два гола постигна Маневски во 35 и 44 минута, еден Гешоски во 73, а фудбалерот на Башкими Шабани си постигна автогол во 70 минута. Победа е петта на табелата со 21 бод. Во следното коло играме со Ренова во Тетово.

Преспа-Тутунски Комбинат 34:31
Ракометарите на Тутунски Комбинат после првите две победи повторно се поразени. Тие во Ресен изгубија од домашниот тим на Преспа со што ја продолжија црната серија на гостувањата. Тутунарите сеуште не можат да се одлепат од последната позиција на табелата со само 6 бода. Следниов викенд во Прилеп гостува екипата на Металург.

Шутова-11 Октомври 3:0
Поразени се и одбојкарите на 11 Октомври кои во Кичево загубија со 3:0 (25:20, 25:17 и 25:19) од екипата на Шутова. Со само 5 бода нашите одбојкари се наоѓаат на 7-та позиција на табелата.

Автомобилизам
Автомобилистите на „Прилепец“ не се покажаа во најдобро светло на последната трка од државниот шампионат на кружни патеки во Кичево. Единствено В. Треневски се пласира на второто место во класата до 1150 ццм3.

сабота, 10 ноември 2007

Миле Стојкоски се врати во Прилеп

Стојкоски се надева дека за кратко време ќе му биде издаден новиот пасош, дополнително ќе собере пари и во почетокот на декември ќе се врати во Дамаск, од каде што ќе го продолжи патувањето преку Јордан, Ирак... до Кина. Целата сторија објавена денеска во „Дневник“

Настани

Синоќа во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена четвртата самостојна изложба на икони на Орде Стамболџиески, додека во градската библиотека „Борка Талески“ беше промовирана збирката поезија на младиот прилепски артист Игор Трпчески.
Вечерва во 19.30 часот Центарот за култура во соработка со прилепскиот народен театар ќе ја прикажуваат монодрамата „Филип II“ во изведба на Петар Темелкоски.
Планинарското-спортско друштво „Козјак“ од нашиот град во недела организира марш на релација: с.Богомила-превој тунел-манастир Св.Петка-с.Гостиражни. Собирањето и тргнувањето е во 08.00 часот од железничката станица.

петок, 9 ноември 2007

Станојоски испушти златен медал

Нашиот велемајстор Звонко Станојоски беше блиску до освојување на златен медал на европското првенство во шах во Грција. Тој освои 4,5 поени од 7 партии и беше нашиот најуспешен шахист. Со евентуална победа место ремито против Радослав Војташек во мечот од последното коло со Полска, Станојоски ќе се закитеше со златниот медал, а ако не играше, ќе имаше обезбедено бронза. Но, воден од двете победи во низа над Србинот Никола Седлак и над Гркот Јоанис Папајоану), првакот на Македонија реши да им помогне на колегите од националниот тим против Полјаците, иако тоа го чинеше медал. Македонија го освои 17-тото место, што е одличен успех.

Тутунски Комбинат-Пролет 29:26
Екипата на Тутунски Комбинат за четири дена стаса до две победи во првенството, овој пат совладувајќи го пред своите гледачи Т. Пролет од Скопје со 29:26. Викендов тутунарите гостуваат во Ресен на екипата на Преспа.

четврток, 8 ноември 2007

Маестро Трпчески во Прилеп

Нашиот најреномиран пијанист Симон Трпчески, на 5-ти Декември по втор пат ќе настапи во Прилеп како дел од мини турнејата низ Македонија. Турнејата има хуманитарен карактер на која ќе свири композиции од Скријабин, Шопен, Брамс и две дела од Дебиси, кои ќе бидат прв пат изведени во Македонија. Освен во Прилеп свои концерти ќе има и во Гевгелија и Струмица. Еве што вели самиот Трпчески за оваа турнеја:
- Одамна ми е желба да свирам во секој град каде што има барем минимални услови. Програмата ќе биде пресек на длабоки чувства. Секое дело зборува за љубовта кон различни субјекти. Намерно ги избрав така, зашто љубовта е главен двигател на човекот. Се решив за овие дела зашто во нив има многу драма, што е обележје на нашиот менталитет и мислам дека треба да се негува. Драго ми е што ќе настапам во внатрешноста на нашата земја, зашто и таму има големи почитувачи на класичната музика.
Трпчески наскоро ќе замине во Англија, каде што треба да сними ново цеде, за ЕМИ, во која ќе влезе и „Пајдушко“ на Живојин Глушиќ, кој според нашиот виртуоз, е најизведуваниот македонски композитор надвор од земјава. Ќе следуваат концерти во Брисел, Хамбург, четири концерти во Англија, Малезија, Сингапур. До крајот на годината, ќе настапи со Филаделфискиот симфониски оркестар.

среда, 7 ноември 2007

„Infest“ од Србија во Прилеп

На 18.11. (недела) во „Апореа“ свој концерт ќе одржи thrash-metal составот „Infest“ од Јагодина, Србија. Тие во Прилеп ќе го промовираат својот прв албум „Anger will remain“ издаден оваа година. Освен нив како бенд за поддршка ќе свират и „Skullcrush“ од Битола. Ова е некоја мини турнеја на „Infest“ низ Македонија каде освен во Прилеп ќе настапат и во Скопје во клубот „Кастро“. На свирката ќе можат да се купат и рекламни материјали од нив по пристапни цени: ЦД-200 ден, маица-300 ден, мал прешивач-60 ден и грбен прешивач-200 денари. Влезот е само 50 денари. Еве и неколку песни за преземање од нивниот албум:

вторник, 6 ноември 2007

Златна плакета за Влатко Стефановски

По повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп, беа одржани бројни манифестации и доделување на дипломи и плакети. Највисоката награда, златната плакета за животно дело ја доби нашиот најдобар гитарист, член на култната група „Леб и Сол“, Влатко Стефановски. На свеченоста освен Стефановски со своја изведба настапи и мандолинскиот оркестар при МКЦ.
Претходно беше пуштено во употреба ново спортско игралиште во населбата „Рид“, а беше поставен и камен темелникот за трета лента од патниот правец Прилеп - Скопје (кај Плетвар) во должина од 10 километри.

понеделник, 5 ноември 2007

Успешен викенд

Победа-Македонија ЃП 4:1
Фудбалерите на Победа после подолго време забележаа победа, совладувајќи го гостинот од Скопје со убедливи 4:1. Головите ги постигнаа Мегленски 27' (пенал), Ѓоровиќ 50', 81' и Итуа 55'. Следното коло гостуваме во Куманово против Башкими.

Тутунски Комбинат-ВВ Тиквеш 27:23
Конечно ракометарите на Тутунски Комбинат ја забележаа првата победа оваа година совладувајќи ја екипата на Винарска Визба Тиквеш од Кавадарци. Да се надеваме дека ова е почеток на една успешна серија на прилепските ракометари и пробивање на средината од табелата.

11 Oктомври-Струмица 3:2
Одбојкарите на 11 Октомври со пресврт ги победија гостинските одбојкари со 3:2 (25-21, 16-25, 19-25, 27-25, 15-13). Гостите имаа приговори кон судиите но се чини дека нашите играчи заслужено го добија овој дуел.

ЕП во Шах
Звонко Станојоски продолжува со добрите игри и во досегашниот тек има освоено 3 поени од 5 натпревари и е без пораз. Тој освои цел поен на четвртата табла во дуелот против репрезентацијата на Србија што беше клучно за победата над оваа шаховска репрезентација.

петок, 2 ноември 2007

„Морталити“ свират во Скопје

Прилепскиот melodic-death состав „Морталити“ ќе свират утре во клубот „Кастро“ како дел од роденденската свирка на македонските метал форуми кои слават 5 години. Еве ја најавата за нив на истиот форум:
„Mortality, или македонските Hipocrisy како што ги нарекуваат, е бенд од Прилеп кој постои веќе неколку години. Уште во почетокот се ориентираа кон death-metal-от, отпрвин фавиоризирајќи го поцврстиот звук, за подоцна да се насочат кон помелодичните води на овој жанр. Mortality влегоа во финалето на минатогодишниот Рок фест, а имаа и забележителен настап заедно со Dedicated for Life, Victim Yield, Held so Dear во ноември минатата година. Оваа година Mortality, заедно со Mark of Cain од Канада издадоа сплит-издание (веќе распродадено кај нас, се работи на нов тираж) во кој се поместени пет песни. Иако во меѓувреме, дел од членовите на бендот се вклучија и во други бендови (Dedicated for Life и Maras), истите се определени Mortality, со својот карактеристичен звук и моќен вокал да продолжи да ја збогатува македонската метал сцена.“

Членови на Mortality се:
Бобан Петрески – гитара/вокали
Горјан Василески – бас
Драган Талески – тапани

Арт картички од средновековен Прилеп

Во издание на центарот за визуелна уметност „Визант“ од Прилеп, се отпечатени осум од планираните 24 арт картички за промоција на културното наследство на средновековен Прилеп. „За почеток требаше да се дојде до неколку тешко пристапни места низ Мариово, далеку од цивилизацијата, па постепено да се истражува. Посебен аспект ставивме врз византискиот средновековен фреско-живопис, црвата Св.Никола - Мариово, низ Зрзе и „Св. Никола“ во Варош“, вели уметникот Златко Крстевски, чија иницијатива е проектот. Тој е автор и на фотографиите и дизајнот на картичките за промоција на средновековен Прилеп.
Тој открива и дека картичките ќе бидат промовирани и во „Галерија 21 век“ во Москва - Русија, во рамките на меѓународен уметнички фестивал.

четврток, 1 ноември 2007

Утре премиера на „Светилникот“

Вечерва прилепскиот народен театар ќе ја изведе претпремиерата на театарската претстава „Светилникот“ работена според романот „Железниот светилник“ на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски, додека премиерата е закажана за утре во 19.30 часот. Ова ќе биде прво претставување во Македонија на контраверзниот писател, инаку роден прилепчанец Талев. Според режисерот Цветановски, на сцената ќе бидат пренесени духот на авторот и духот на стариот Прилеп, на старите градски семејства, занаети и на старата прилепска чаршија преку приказната за едно семејство.
За подготовката на проектот, чиј буџет далеку ги надмина средствата и стигна до еден и пол милион денари, екипата од 60-ина луѓе користеше стари предмети и фотографии од познати прилепски семејства, а кај занаетчиите се снимени сцени и дијалози. Во фоајето на театарот ќе биде поставена изложба на графики од познатот прилепски сликар Аче, а снимена анкета ќе говори кој е всушност Димитар Талев.
За претставата, драматизацијата на романот на Талев „Железниот светилник“ ја направи Трајче Крстески, музиката е на Оливер Јосифовски, костимите на Благој Мицевски, сценографијата на Владо Ќоревски, а покрај целата актерска екипа на прилепскиот театар, гости актери се Владо Јовановски и Александра Пешевска.
Утрински Весник за „Светилникот“