среда, 3 јуни 2009 г.

Цветановски ја подготвува „Крпен живот“

Во прилепскиот театар почнаа подготовките за новата театарска претстава, „Крпен живот“, што се работи по текстот на Стале Попов. Драматизација на текстот за претставата е на Блаже Миневски, а режијата е на Владо Цветановски. Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на театарот. Музиката ја работи Оливер Јосифоски, костимите се на Благој Мицевски, а премиерата се планира за Фестивалот „Охридско лето“. „Крпен живот“ ќе биде трета претстава што театарот ќе ја работи во согласност со годишната програма поддржана од Министерството за култура на Република Македонија. Претходно беа прикажани „Таму каде што не сум бил“ во режија на Зоја Бузалковска и „Јане Задрогаз“ во режија на Коле Ангеловски. На претстојниот 44. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој почнува на 5 јуни, прилепскиот театар ќе учествува со две претстави. Во официјална конкуренција ќе настапи со претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски и во придружната програма со „Таму каде што не сум бил“ од Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска.
Извор: Време