Претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на ансамблот на прилепскиот театар, ја доби наградата за најдобра претстава на 44. издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Награда за режија, пак, отиде во рацете на режисерот Мартин Кочовски. Марија Спиркоска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за истата претстава. Ова е одлуката на комисијата во состав: Митко Маџунков, Ванчо Петрушевски и Зијадин Муртезовски. Маџунков објасни дека некои сцени во претставата „Тапани во ноќта“, како пеењето на Интернационалата, се незаборавни антологиски сцени достојни за најголемите театри.Кочоски по претставата рече дека актерите во претставата се надминаа себеси.
- По многубројните награди што ги освоивме на сараевски МЕСС, стигна и домашно признание. На последниот фестивалски настап актерите одиграа над очекуваното. Чувствувам огромна радост, среќа и возбуда. Иако главно сите се млади, тврдам дека се вистински професионалци, кои од претстава во претстава растат и се подобри. Впрочем, тоа го потврди реакцијата на публиката - рече Кочовски. Гостинката од Битола во прилепската претства, Ирина Чоревска, немаше зборови да ја искаже радоста од реакциите на пубиката.
- Силно е чувството кога публиката ве враќа толку многу пати на бис. Претставата вреди за толку многу аплаузи. Со „Тапаните...“ доживеавме големи успеси и надвор од земјава, а сега многу ми е мило што тоа го потврдивме уште еднаш на матичната сцена - вели Чоревска.Наградата за главна женска улога ја доби Билјана Беличанец-Алексиќ за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Награден за машка улога е Елијаса Касо за улога во „Сијах Калем“ во изведба на Турскиот театар.
Жирото наградата за најквалитетен текст му ја додели на Венко Андоновски за „Кинегонда во Карлаленд“. Актерот Филип Мирчевски е добитник на наградата за млад актер „Трајко Чоревски“, за играта во претставата „Црна се чума зададе“ на битолскиот театар, како и наградите за кореографија и сценски движења и за музичката улустрација (Марјан Неќак). За костимите е награден Тихомир Спировски за „Кинегонда од Карлаленд“.Тој ја однесе и наградата за сценографија. Најквалитетен рекламен материјал имаше за претствата „Последниот ден на Мисирков“ на струмичкиот театар. Фестивалската завеса се спушти по синоќешната изведбата на претставата „Тестостерон“ на битолскиот театар.
Извор: Дневник