недела, 18 јануари 2009 г.

Бобан Алексоски – нов прилепски театарски талент

Бобан Алексоски порасна на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Љубовта кон уметноста уште од најраните години го „навлече“ на животот на театарските штици, за кој вели дека ќе го продолжи со запишувањето на Факултетот за Драмски уметности во Скопје.
Гимназијалецот Алексоски зад себе веќе има околу десет театарски улоги, претежно во претставите за деца, како што се „Снежана и седумте џуџиња“, „Петар Пан“, „Свињарот и принцезата“, „Мачорот во чизми“, „Волшебникот од Оз“, претставата за возрасни „Песијазол“ и др. На репертоарот на прииелпскито театар во моментов е актулана претставата „Приказна за војникот“ во која младиот актер ја игра главната ројла а на гостувањето во Србија на фестивалот „Репасаж“ го доби признанието за најдобра актерска игра - глумец на вечерта.
Бобан за театарот вели: „Сцената ја доживувам како огромно светилиште кое зрачи и е предизвик за животот да се помине на неа, јас го сакам театарот и животот ќе го посветам на него”.
Со својот талент успева секогаш да ја воодушеви публиката и им остава голем впечаток на неа, велат постарите колеги од прилепскиот театар за Алексоски.
Алексоски е целосно обземен од театарот што се гледа и од неговите планови за оваа година: „Минатата 2008 г. беше многу успешна за мене како театарска година. Имав неколку театарски проекти, но најважно ми е што ја добивам целосната поддршка од севкупниот ансамбл на прилепскиот театар и им се заблагодарувам за тоа. За 2009 г., исто така, се надевам дека ќе има проекти во кои ќе бидам влучен, но предизвик ми и монодрамата како театарска форма и моментално сум концентриран на еден текст - монодрама од Рејмон Кус”.
„Се гордеам со прилепскиот театар, затоа што во секој проект го изнесува пред публиката најдоброто со огромна театарска енергија”, вели надежниот актер Бобан Алексоски.
Извор: Форум

четврток, 15 јануари 2009 г.

Изложба на фото клубот "Фотографика"

Утре 16.01.2009г. во 19 часо, во ликовната галерија на Центарот за култура "Марко Цепенков" ќе биде отворена годишната изложба на фото клубот "Фотографика" од Скопје. Прилеп е прв од низата градови после Скопје каде ќе бидат прикажани сликите од членовите на овој фото клуб. Поканети се сите љубители на фотографијата да ја посетат оваа изложба во наредните денови.

среда, 14 јануари 2009 г.

Скулпторот Солески ги прави бистите на народните херои

Прилепскиот академски скулптор Емил Солески ги изработува седумте бисти на прилепските народни херои кои пред две години беа украдени од Паркот на хероите во Прилеп.
"Бистите на хероите Борка Талески, Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Велески - Горанов, Лазо Филипоски, Рампо Левката и Круме Волнароски за два месеца ќе бидат готови. Изработените модели за бистите ќе се леат во бронза во ателјето на Дарко Дуковски. Во секој случај, чест ми е што ги изработувам бистите на хероите кои во март би требало да се најдат на постаментите во Алејата", вели скулпторот Емил Солески .
За изработка на новите бисти ќе се издвојат 1,3 милиони денари, од кои 40 отсто се пари од Министерството за култура, а останатите од општинскиот буџет, објасни градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Од десетте бронзени бисти во Алејата на народните херои, пред повеќе од две години кога беа украдени седум, останаа само бистите на Мирче Ацев и на Кузман Јосифовски - Питу, а крадците, иако ја турнаа и оштетија, не стигнаа да ја однесат бистата на Илија Игески - Цветан.
Извор: Веcт

вторник, 6 јануари 2009 г.

На Стибера ќе се копа и годинава

На античкиот локалитет Стибера, кај прилепското село Чепигово, според археолозите, активно ќе се ископува и годинава. Мермерните статуи што континуирано се откриваат во Стибера се вбројуваат во ретките од таков вид.

Изминатата 2008 година, велат надлежните, понуди нови сознанија за градот кој активно живеел од 3 век п.н.е. до 3 век од нашата ера. Најголем број артефакти нуди гимназиумот - градба која е единствена во македонските антички локалитети.
Инаку, во Стибера досега се пронајдени 31 мермерна статуа. Повеќето се во Музејот на Македонија, а дел од нив можат да се видат и пред Владата. Есента беа откриени три мермерни глави, на маж, жена и на младо момче, но и три статуи - на божицата Нике, на момче Ефеб и на млада жена. Пред повеќе од една година жител во својата нива пронајде голема мермерна статуа на херкуланка. Овие откритија укажуваат дека Стибера бил значаен културен ценар во антиката, со дваесетина илјади жители.

Според министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, приоритети во археологијата за оваа година е целосно да се истражат и скопската тврдина Кале, Хераклеа, Марвинци, а Стоби во рок од три години. Во текот на 2008 на 15 археолошки локалитети на кои се работело, евидентирани се 10 996 археолошки предмети.
Извор: Вечер

понеделник, 5 јануари 2009 г.

Селце во зима





вторник, 30 декември 2008 г.

Мултимедијално ЦД - Преображение

Деновиве, ризницата со која се бележи важното историско, културно, но и актуелно и живо наследство во Македонија е збогатена со уште еден необичнен паметник. Станува збор мултимедијалното, двојазично ЦД на Зрзеските монаси, во издание на Манастирот Зрзе, насловено Преображение.
Преображение е резиме со кое монашката заедница на манастирот Зрзе сака да го сподели она што го вкусила како дар на вековното наследство, но и како сопствен духовен опит, стекнат на преминот од 20 во 21 век, во периодот од 1998-2008 година. Oваа едноставно раскажана приказна на преобразувањето е споделено соочување со слободата, љубовта, волјата, борбата, животот и смртта. Визуелната, вербалната и музичката нарација ткаат текст кој станува сведок на едно поинакво раѓање, кое се огледува во наличјето на подвигот да се сочува мелосот на една историја, но и да се впишат во симфонијата на животот новите невми на заедницата која наследува и надградува. Низ трите поглавја насловени како Корени, Калеми и Цутови, повикани сме да бидеме учесници во една интерактивна игра, во еден жив дијалог кој е потврда за тоа дека сè е отворено за преобразби и за поинакви читања, кои се по мера на време-просторот што човекот го вкусува.
Мултимедијалното ЦД Преображение, е исчекор во однос на досегашниот третман на културното и духовното наследство. Она што го прави посебен и еднинствн овој авторски труд е тивкиот, но длабок и темелен влог на оние што ги живеат во мигов сите разгранувања на сегашното и на минатото време. Преображение е „место“ каде што на фантастичен начин се преклопуваат современието и сеќавањето.
Текстот и дизајнот се во авторство на Зрзеските монаси, при што се користени и извадоци од Светото писмо и делата на светите отци, како и од интервјуата на зрзескиот игумен, епископ Климент. Музиката е на Ивица Јанкуловски и на Ристо Солунчев. Изобилството на фотографии е на Зрзеските монаси, Иван Блажев, Огнен Теофиловски, Игор Божиновски, Димитрија Димески, Завод и музеј, Прилеп, а користени се фотографии и од архивата на манастирот „Свето Преображение – Зрзе“. Техничката обработка е на Сивус, а преводот на англиски јазик е на Александар Зафировски.
Извор: Culture.in.mk

„Гранпри“ за „Приказна за војникот“

Претставата „Приказна за војникот“ на центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп ја освои наградата „Гранпри“ за најдобра претстава на 10. издание на фестивалот на аматерски театарски групи од Македонија „Лица без маски“. Претставата на режисерот Игор Трпчевски во април 2009 година ќе ја претставува Македонија на интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Тричленото жири изборот на најдобрите го направи во селекцијата од осум претстави на аматерски изведувачи, четири од Скопје и четири од внатрешноста.
Извор: Шпиц

понеделник, 29 декември 2008 г.

Најдобрата театарска година на прилепскиот театар

Прилепскиот театар зад себе ја остава најдобрата театарска година досега. Во 2008 имаше голем број на премиери: „Песијазол“ во режија на Бранко Ставрев, „Приказна за војникот“ на Игор Трпчески, „Тапани во ноќта“ на режисерот Мартин Кочовски, детската претстава „Волшебникот од Оз“ на Петар Димоски, „Службогонци“ на режисерката Софија Ристевска, и премиери од 2007 година кои беа цела 2008 година на репертоар: комедијата „Од кол на кол“ на Коле Ангеловски, „Светилникот“ на Владо Цветановски и претставата за деца „Хајди“ на Петар Димоски.
Претставата „Песијазол“ на режисерот Ставрев, а по текст на Петар Петрески во летниот период имаше претставување во неколку македонски градови како што се Штип, Пробиштип, Демир Хисар во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, во организација на Министерството за култура. Претставата „Приказна за војникот“ после повеќе од дестина изведби на матичната сцена, во мај учествуваше на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, каде освои награда за најдобра претстава на фестивалот-ГРАН ПРИ и зема учество на интернационалниот фестивал „Репасаж“ во Србија, каде освои награда за најдобра сценографија и награда за најдобра улога која ја доби Бобан Алексоски. „Приказна за војникот“ зема учество и на фестивалот „Лица без маски“ во Скопје каде што освои награда за најдобра претстава на фестивалот –ГРАН ПРИ, а во април 2009 година на интернационалниот „Лица без маски“ во Скопје ќе ја претставува Македонија.
„Тапани во ноќта“ на режисерот Кочовски го прослави прилепскиот театар оваа година со настапите на фестивалите: „Белеф“, во Белград, „Експонто“, во Словенија, „МЕЕС“ во Сараево и Зеница каде освои три награди и тоа: награда од критиката, Сребрен ловоров венец за најдобра претставата во категоријата претстави од Средна Европа и со Златен венец за најмлад режисер за Мартин Кочовски. Во „Тапани во ноќта“ освен ансамблот на прилепски театар играат и Илина Чоревска, а музиката е на битолската група „Фолтин“ која музиката на сцената ја изведува во живо. Најновата детска претстава на театарот е претставата „Волшебникот од Оз“ на новата театарска сезона во режија на Петар Димоски, со оваа претстава идната година ќе има меѓународно претставување на балканските фестивали. Театарската претстава „Службогонци“ е комедија во режија на Софија Ристевска. Оваа претстава беше последната премиера за оваа година во театарот, а се играа и претстави чии премиери беа минатата година како што е претставата „Од кол на кол“, која наскоро ќе ја има својата педесетта изведба на проверениот комедиограф Коле Ангеловски. Претставата оваа година го отвори првиот меѓународен театарски фестивал на комедијата во Охрид, а го отвори и фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово. Оваа претстава годинава е прикажувана и во другите театри низ Македонија како што се Делчево, Радовиш, Свети Николе и др. „Светилникот“ во режија на Владо Цветановски оваа година се играше на матичната сцена и зама учество на годинешниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ каде ја освои наградата за современа сценска драматизација. Претставата се играше и во театар Центар (МНТ) во Скопје. Претставата за деца „Хајди“ на Димоски се играше на матичната сцена и гостуваше во Центарот за култура во Демир Хисар. Годинава на сцената од прилепскиот театар се играа и претставите од МТФ „Војдан Чернодрински“: „Да се заборави Херострат“ на Велешки театар, „Импресарио од Измир“ на Тетовскиот театар, „Обѕрни се во гневот“ на Битолски театар, „Бегалка“ на Штипски театар и др.
Прилепскиот театар зад себе ја остава најдобрата театарска година досега. На почетокот од новата 2009 година театарот ќе ја има премиерата на претставата „Г-ѓа Јулија“ на Кирил Петрески чии подготовки за претставата се во тек, а ќе се работат претставите: „Таму каде што не сум бил“- текст на Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска, „Бели ноќи“ на Достоевски, во режија на Звезана Ангеловска, „Крпен живот“ на драматургот Блаже Миневски, во режија на Владо Цветановски, комедијата „Јане Задрогаз“ на Горан Стефановски со проверениот комедиограф Коле Ангеловски, претставата „Тартиф“ на Молиер за која режисерско видување ќе има режисерот Кирил Петрески како и детската претстава „Малиот Принц“ на Егзипери во режија на Петар Димоски.
Извор: Culture.in.mk

Зимски разгледници