понеделник, 29 декември 2008 г.

Најдобрата театарска година на прилепскиот театар

Прилепскиот театар зад себе ја остава најдобрата театарска година досега. Во 2008 имаше голем број на премиери: „Песијазол“ во режија на Бранко Ставрев, „Приказна за војникот“ на Игор Трпчески, „Тапани во ноќта“ на режисерот Мартин Кочовски, детската претстава „Волшебникот од Оз“ на Петар Димоски, „Службогонци“ на режисерката Софија Ристевска, и премиери од 2007 година кои беа цела 2008 година на репертоар: комедијата „Од кол на кол“ на Коле Ангеловски, „Светилникот“ на Владо Цветановски и претставата за деца „Хајди“ на Петар Димоски.
Претставата „Песијазол“ на режисерот Ставрев, а по текст на Петар Петрески во летниот период имаше претставување во неколку македонски градови како што се Штип, Пробиштип, Демир Хисар во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, во организација на Министерството за култура. Претставата „Приказна за војникот“ после повеќе од дестина изведби на матичната сцена, во мај учествуваше на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, каде освои награда за најдобра претстава на фестивалот-ГРАН ПРИ и зема учество на интернационалниот фестивал „Репасаж“ во Србија, каде освои награда за најдобра сценографија и награда за најдобра улога која ја доби Бобан Алексоски. „Приказна за војникот“ зема учество и на фестивалот „Лица без маски“ во Скопје каде што освои награда за најдобра претстава на фестивалот –ГРАН ПРИ, а во април 2009 година на интернационалниот „Лица без маски“ во Скопје ќе ја претставува Македонија.
„Тапани во ноќта“ на режисерот Кочовски го прослави прилепскиот театар оваа година со настапите на фестивалите: „Белеф“, во Белград, „Експонто“, во Словенија, „МЕЕС“ во Сараево и Зеница каде освои три награди и тоа: награда од критиката, Сребрен ловоров венец за најдобра претставата во категоријата претстави од Средна Европа и со Златен венец за најмлад режисер за Мартин Кочовски. Во „Тапани во ноќта“ освен ансамблот на прилепски театар играат и Илина Чоревска, а музиката е на битолската група „Фолтин“ која музиката на сцената ја изведува во живо. Најновата детска претстава на театарот е претставата „Волшебникот од Оз“ на новата театарска сезона во режија на Петар Димоски, со оваа претстава идната година ќе има меѓународно претставување на балканските фестивали. Театарската претстава „Службогонци“ е комедија во режија на Софија Ристевска. Оваа претстава беше последната премиера за оваа година во театарот, а се играа и претстави чии премиери беа минатата година како што е претставата „Од кол на кол“, која наскоро ќе ја има својата педесетта изведба на проверениот комедиограф Коле Ангеловски. Претставата оваа година го отвори првиот меѓународен театарски фестивал на комедијата во Охрид, а го отвори и фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово. Оваа претстава годинава е прикажувана и во другите театри низ Македонија како што се Делчево, Радовиш, Свети Николе и др. „Светилникот“ во режија на Владо Цветановски оваа година се играше на матичната сцена и зама учество на годинешниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ каде ја освои наградата за современа сценска драматизација. Претставата се играше и во театар Центар (МНТ) во Скопје. Претставата за деца „Хајди“ на Димоски се играше на матичната сцена и гостуваше во Центарот за култура во Демир Хисар. Годинава на сцената од прилепскиот театар се играа и претставите од МТФ „Војдан Чернодрински“: „Да се заборави Херострат“ на Велешки театар, „Импресарио од Измир“ на Тетовскиот театар, „Обѕрни се во гневот“ на Битолски театар, „Бегалка“ на Штипски театар и др.
Прилепскиот театар зад себе ја остава најдобрата театарска година досега. На почетокот од новата 2009 година театарот ќе ја има премиерата на претставата „Г-ѓа Јулија“ на Кирил Петрески чии подготовки за претставата се во тек, а ќе се работат претставите: „Таму каде што не сум бил“- текст на Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска, „Бели ноќи“ на Достоевски, во режија на Звезана Ангеловска, „Крпен живот“ на драматургот Блаже Миневски, во режија на Владо Цветановски, комедијата „Јане Задрогаз“ на Горан Стефановски со проверениот комедиограф Коле Ангеловски, претставата „Тартиф“ на Молиер за која режисерско видување ќе има режисерот Кирил Петрески како и детската претстава „Малиот Принц“ на Егзипери во режија на Петар Димоски.
Извор: Culture.in.mk