четврток, 22 октомври 2009

Изложба на Дејан Арсовски

Вечерва, со почеток во 19 часот, во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура “Марко Цепенков“ - Прилеп ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот сликар Дејан Арсовски од Куманово. Изложбата се реализира како плод на добрата соработка и размена на изложби и програми меѓу Центрите за култура од Прилеп и Куманово.


Во последните десетина години станува сé поголем бројот на млади ликовни уметници коишто својата ликовна едукација ја стекнуваат вон границите на Република Македонија. Како последица на овој тренд, со нивното враќање во Македонија, доаѓа до збогатување на македонската ликовна сцена и во квантитативна и во квалитативна смисла а стекнатите искуства стануваат богатства искуства и знаења со нас ќе ги сподели магистрантот на Националната ликовна академија во Софија, младиот ликовен уметник Дејан Арсовски, кој претставувајќи се за прв пат во едно самостојно издание преку колекција од дваесеттина слики ќе се обиде да нé внесе во својот сликарски универзум. Сликите се работени во техниката масло на платно во периодот 2002-2009 г. и повеќе од јасно укажуваат на фактот дека авторот е во фаза на јасно дефиниран ликовен израз којшто, пак, е со тенденција на перманентно себеистражување во тематска смисла и постепено надградување во ликовно - техничка реализација.

Многу уметници во своите трудови генерално завземаат две насоки, првата - обидот да се направи свој имагинарен афигурален апстрактен простор којшто ќе тргнува од интуитивните ресурси на творецот и втората - којашто тргнува од реалниот живот и животните искуства и којашто секогаш се потпира на фигурацијата сфатена како трезор на совршени облици креирани од природата. Арсовски ја преферира втората насока фокусирајќи се на човечката фигура како непресушен извор на инспирација преку кој може многу директно да се комуницира со пошироката публика. Забележителен е неговиот третман на женското тело коешто со сигурност е едно од најсовршените форми во природата, дадено во една мултидисциплинарна опсервација како облик, волумен, колорит и психичка состојба. Доминацијата на женската фигура не е присутна со идеја да предизвика некој еротски дискурс туку да ја потенцира пропорцијата и формата. Визурата е дадена од повеќе ракурси коишто на гледачот му овозможуваат чувство на непосредно присуство а со тоа и директно внесување во атмосферата којашто е битен елемент на секоја слика на Арсовски. Од друга страна, уметникот секогаш во чинот на креирањето, свесно или не, вградува дел од себеси - начинот на којшто ги гледа и доживува ликовите што ги продуцира, сликајќи се и самиот во нив. Човечките фигури на овој млад уметник не се разубавени, тоа се фигури и фаци што ги среќаваме во секојдневниот живот со сите мани и убавини коишто тие ги поседуваат, со сите добри и лоши расположенија што ги носи животот, а кои делумно можеме да ги прочитаме од нивните лица. За поедноставна комуникација, авторот на некои слики става и одредени атрибути (волан, буре, бр.37, знамиња и др.) коишто треба заедно со насловот да ја откријат идејата и да му дадат насоки на конзументот. Композицијата и цртежот се академски избалансирани, со одличен контраст на релација фигура-позадина, а во дел од нив потенцирана е перспективата (Пред малата врата), надреалната поставеност (Мечта на морнарите, Вљубени) како и ангажираниот пристап преку отварање на актуелни прашања ( Непослушниот, Мајка со деца, Симпатична млада левичарка...). Боите се чисти и благо нијансирани од посветли кон потемни кога треба да се стават во функција на доловување на волуменот. Иако на моменти во концептот на оваа ликовна продукција наоѓаме допири со стрипот и плакатот, сепак, можеме да констатираме еден формиран ликовен код којшто Дејан Арсовски секогаш ќе го прави препознатлив. Во таа смисла и првото негово претставување ќе биде забележано од ликовната публика и критика како зачекорување на едно ново име на македонската ликовна сцена кое човечката фигура ја става во центарот на своите ликовни истражувања.

Извор: Culture.in.mk