среда, 14 јануари 2009 г.

Скулпторот Солески ги прави бистите на народните херои

Прилепскиот академски скулптор Емил Солески ги изработува седумте бисти на прилепските народни херои кои пред две години беа украдени од Паркот на хероите во Прилеп.
"Бистите на хероите Борка Талески, Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Велески - Горанов, Лазо Филипоски, Рампо Левката и Круме Волнароски за два месеца ќе бидат готови. Изработените модели за бистите ќе се леат во бронза во ателјето на Дарко Дуковски. Во секој случај, чест ми е што ги изработувам бистите на хероите кои во март би требало да се најдат на постаментите во Алејата", вели скулпторот Емил Солески .
За изработка на новите бисти ќе се издвојат 1,3 милиони денари, од кои 40 отсто се пари од Министерството за култура, а останатите од општинскиот буџет, објасни градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Од десетте бронзени бисти во Алејата на народните херои, пред повеќе од две години кога беа украдени седум, останаа само бистите на Мирче Ацев и на Кузман Јосифовски - Питу, а крадците, иако ја турнаа и оштетија, не стигнаа да ја однесат бистата на Илија Игески - Цветан.
Извор: Веcт