среда, 11 февруари 2009 г.

Институт за роботика во Прилеп

Министерството за образование и наука ја прифати апликацијата на прилепски „Микросам“ за отворање приватен, единствен во регионот институт за современи композити и роботика.
Оваа научна установа, низ интердисциплинарен пристап ќе ја развива фундаменталната и применета наука во областите на современите композити и роботиката.
Како што велат во „Микросам“, институтот ќе создаде услови за лидерска позиција на домашниот и на меѓународниот пазар.
„Имаме доволно стручни кадри. Двајца доктори на науки, на кои наскоро ќе им се придружи уште еден, и шестмина инженери. Сега имаме простор и опрема која постојано ќе ја надградуваме. Така, наскоро во кругот на фабриката ќе се изградат и нови објекти. До крајот на годинава треба да стигне и акредитацијата за магистерските и докторските студии“, објаснува Благоја Самакоски, сопственикот на „Микросам“.
Институтот ќе едуцира и кадри од вториот и третиот циклус од Болоњскиот универзитет. Според планот, годишно ќе се примаат од тројца до петмина млади научници кои сакаат да ги продолжат своите магистерски и докторски студии. Вратите на Институтот ќе бидат отворени не само за домашните студенти туку и за студенти од странство.
Извор: Утрински Весник

вторник, 10 февруари 2009 г.

Јавна анкета за изградба на комплексот „Карпалак“

На општинската веб страница е поставена јавна анкета за определување на локација за изградба на комплексот „Карпалак“ посветен на загинатите војници од Прилеп во војната 2001. Понудени се 4 предлог локации: на главниот плоштад, плоштадот „Александрија“ и две локации во Паркот на револуцијата.
Доколку не навлегуваме во изборот на локациите единствена забелешка е неможноста да се предлагаат нови локации бидејќи изборот е премногу тесен. Нашите војници заслужуваат да имаат посебно катче одделено од учесниците во Втората светска војна, настрана од плоштадите.

недела, 8 февруари 2009 г.

„Таму каде што не сум бил“ првпат кај нас

Режисерката Зоја Бузалковска во Прилепски театар го поставува текстот „Таму каде што не сум бил“ од Жанина Мирчевска, наша драмска писателка, која живее и работи во Словенија. Текстот е напишан во 1996 година, а ова е прво негово заживување на некоја од домашните сцени. Бузалковска вели дека од поодамна сакала да го работи текстот на Мирчевска, но за тоа немало слух во македонските театри. - „Таму каде што не сум бил“ досега е поставен само во Словенија. Сега се создадоа поволни услови и кај нас и Прилепскиот театар прифати да го работи. Го предложив тука не само поради големиот успех на Прилепскиот театар, туку и затоа што има силна актерска екипа. Сега е вистинското време и место за ова, а текстот и по 12 години од пишувањето не губи од својата актуелност - вели Бузалковска. Текстот на Жанина Мирчевска е напишан со поетски јазик. Дејството го движат монолози, дијалози и монолошки форми, кои се специфични за изговор и за играње. Во претставата се зборува за човековата детерминираност, немоќта да се соочи со светот и со животот, за соодносот институција-индивидуа. - Човекот на сцена ги пренесува соништата, надежите, потребите, вербата, но и немоќта да сонува - вели екипата во најавата за претставата.
Извор: Време

петок, 6 февруари 2009 г.

Изложба „Патувањето на Достоевски“

Вечерва во 18.00 часот во изложбената галерија на Градската Библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Патувањето на Достоевски“. Се покануваат сите љубители на ликовната уметност, но и сите вљубеници во културата да ја посетат оваа интересна изложба која загарантирано ќе го привлече вниманието на секој посетител.

недела, 18 јануари 2009 г.

Бобан Алексоски – нов прилепски театарски талент

Бобан Алексоски порасна на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Љубовта кон уметноста уште од најраните години го „навлече“ на животот на театарските штици, за кој вели дека ќе го продолжи со запишувањето на Факултетот за Драмски уметности во Скопје.
Гимназијалецот Алексоски зад себе веќе има околу десет театарски улоги, претежно во претставите за деца, како што се „Снежана и седумте џуџиња“, „Петар Пан“, „Свињарот и принцезата“, „Мачорот во чизми“, „Волшебникот од Оз“, претставата за возрасни „Песијазол“ и др. На репертоарот на прииелпскито театар во моментов е актулана претставата „Приказна за војникот“ во која младиот актер ја игра главната ројла а на гостувањето во Србија на фестивалот „Репасаж“ го доби признанието за најдобра актерска игра - глумец на вечерта.
Бобан за театарот вели: „Сцената ја доживувам како огромно светилиште кое зрачи и е предизвик за животот да се помине на неа, јас го сакам театарот и животот ќе го посветам на него”.
Со својот талент успева секогаш да ја воодушеви публиката и им остава голем впечаток на неа, велат постарите колеги од прилепскиот театар за Алексоски.
Алексоски е целосно обземен од театарот што се гледа и од неговите планови за оваа година: „Минатата 2008 г. беше многу успешна за мене како театарска година. Имав неколку театарски проекти, но најважно ми е што ја добивам целосната поддршка од севкупниот ансамбл на прилепскиот театар и им се заблагодарувам за тоа. За 2009 г., исто така, се надевам дека ќе има проекти во кои ќе бидам влучен, но предизвик ми и монодрамата како театарска форма и моментално сум концентриран на еден текст - монодрама од Рејмон Кус”.
„Се гордеам со прилепскиот театар, затоа што во секој проект го изнесува пред публиката најдоброто со огромна театарска енергија”, вели надежниот актер Бобан Алексоски.
Извор: Форум

четврток, 15 јануари 2009 г.

Изложба на фото клубот "Фотографика"

Утре 16.01.2009г. во 19 часо, во ликовната галерија на Центарот за култура "Марко Цепенков" ќе биде отворена годишната изложба на фото клубот "Фотографика" од Скопје. Прилеп е прв од низата градови после Скопје каде ќе бидат прикажани сликите од членовите на овој фото клуб. Поканети се сите љубители на фотографијата да ја посетат оваа изложба во наредните денови.

среда, 14 јануари 2009 г.

Скулпторот Солески ги прави бистите на народните херои

Прилепскиот академски скулптор Емил Солески ги изработува седумте бисти на прилепските народни херои кои пред две години беа украдени од Паркот на хероите во Прилеп.
"Бистите на хероите Борка Талески, Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Велески - Горанов, Лазо Филипоски, Рампо Левката и Круме Волнароски за два месеца ќе бидат готови. Изработените модели за бистите ќе се леат во бронза во ателјето на Дарко Дуковски. Во секој случај, чест ми е што ги изработувам бистите на хероите кои во март би требало да се најдат на постаментите во Алејата", вели скулпторот Емил Солески .
За изработка на новите бисти ќе се издвојат 1,3 милиони денари, од кои 40 отсто се пари од Министерството за култура, а останатите од општинскиот буџет, објасни градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Од десетте бронзени бисти во Алејата на народните херои, пред повеќе од две години кога беа украдени седум, останаа само бистите на Мирче Ацев и на Кузман Јосифовски - Питу, а крадците, иако ја турнаа и оштетија, не стигнаа да ја однесат бистата на Илија Игески - Цветан.
Извор: Веcт

вторник, 6 јануари 2009 г.

На Стибера ќе се копа и годинава

На античкиот локалитет Стибера, кај прилепското село Чепигово, според археолозите, активно ќе се ископува и годинава. Мермерните статуи што континуирано се откриваат во Стибера се вбројуваат во ретките од таков вид.

Изминатата 2008 година, велат надлежните, понуди нови сознанија за градот кој активно живеел од 3 век п.н.е. до 3 век од нашата ера. Најголем број артефакти нуди гимназиумот - градба која е единствена во македонските антички локалитети.
Инаку, во Стибера досега се пронајдени 31 мермерна статуа. Повеќето се во Музејот на Македонија, а дел од нив можат да се видат и пред Владата. Есента беа откриени три мермерни глави, на маж, жена и на младо момче, но и три статуи - на божицата Нике, на момче Ефеб и на млада жена. Пред повеќе од една година жител во својата нива пронајде голема мермерна статуа на херкуланка. Овие откритија укажуваат дека Стибера бил значаен културен ценар во антиката, со дваесетина илјади жители.

Според министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, приоритети во археологијата за оваа година е целосно да се истражат и скопската тврдина Кале, Хераклеа, Марвинци, а Стоби во рок од три години. Во текот на 2008 на 15 археолошки локалитети на кои се работело, евидентирани се 10 996 археолошки предмети.
Извор: Вечер

понеделник, 5 јануари 2009 г.

Селце во зима