недела, 8 февруари 2009 г.

„Таму каде што не сум бил“ првпат кај нас

Режисерката Зоја Бузалковска во Прилепски театар го поставува текстот „Таму каде што не сум бил“ од Жанина Мирчевска, наша драмска писателка, која живее и работи во Словенија. Текстот е напишан во 1996 година, а ова е прво негово заживување на некоја од домашните сцени. Бузалковска вели дека од поодамна сакала да го работи текстот на Мирчевска, но за тоа немало слух во македонските театри. - „Таму каде што не сум бил“ досега е поставен само во Словенија. Сега се создадоа поволни услови и кај нас и Прилепскиот театар прифати да го работи. Го предложив тука не само поради големиот успех на Прилепскиот театар, туку и затоа што има силна актерска екипа. Сега е вистинското време и место за ова, а текстот и по 12 години од пишувањето не губи од својата актуелност - вели Бузалковска. Текстот на Жанина Мирчевска е напишан со поетски јазик. Дејството го движат монолози, дијалози и монолошки форми, кои се специфични за изговор и за играње. Во претставата се зборува за човековата детерминираност, немоќта да се соочи со светот и со животот, за соодносот институција-индивидуа. - Човекот на сцена ги пренесува соништата, надежите, потребите, вербата, но и немоќта да сонува - вели екипата во најавата за претставата.
Извор: Време