понеделник, 10 март 2008 г.

Прочка 2008 (Слики и Клипови)

Бидејќи немаме автентични фотографии ќе се послужиме со постови од другите блогови:

сабота, 8 март 2008 г.

Прочка 2008

Со учество на над илјада учесници со 250 маски во недела во Прилеп ќе се одржи годинашниот седми по ред интернационален карневал „Прочка 2008 „. Низ булеварот ќе продефилираат бројни маски од Прилеп, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Србија и Грција. На вчерашната прес конференција организаторите Здружението „Прилепски мечкари“ и општина Прилеп соопштија дека маскараданата атмосфера ќе почне в сабота на плоштадот „Александрија“ со парада на мажоретките и градскиот оркестар и дефиле на странските маскирани групи. Воедно во сабота ќе биде отворена и ликовна изложба на цртежи на тема“Маски“ изработени од прилепските ученици. На отворањето на манифестацијата, сабота во 19 часот, ќе се одржи пригодна културно- уметничка програма. Фондот на награди за годинашниот карневал изнесува 58 илјади денари.
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески вели дека со оваа манифестација се продолжува долгогодишната традиција.
“Карневалот е можност преку маска и шега да се продолжи традицијата. Очекуваме бројни гости да го проследат карневалот кој финансиски освен општината со 200 илјади денари го поддржа и Министерството за култура“, вели градоначалникот Ристески.
Од Здружението “Прилепски мечкари“ велат дека досега пријавиле учество маскирани групи од земјава и странство.
“Шест месеци ги реализираме активностите за карневалот. Очекуваме да помине во најдобар ред и да пристигнат пријавените маски од земјава и од Словенија, Црна гора, Бугарија“, вели претседателот Ванчо Георгиев. Етнологот Александар Цветкоски, член на жирито, вели дека очекуваат годинава фестивалот да биде најбогат.
“Годинашната манифестација очекуваме да биде најбогата, да понуди препознатливи маски кои ќе ја одразуваат традицијата. Жири комисијата ќе ги оценува маските според општиот впечаток, уметничкиот квалитет, вложениот труд за изработката на маските и драмските елементи“, вели Цветкоски. Празникот Проштени Поклади, наречен “Прочка“ е првиот предвесник на големиот Христијански празник Велигден и го означува предвечерието на Големите пости за пречек на датумот на Христовото воскресение.
Извор: Нова Македонија

петок, 7 март 2008 г.

Златко Крстевски изложува во Москва

На меѓународната изложба "ГАЛЕРИЈА 21" во Москва, на тема "Акумулација" учествува и ликовниот уметник Златко Крстевски. На изложбата, која ќе трае до 20 март, учествуваат и уметници од САД ,Франција, Австралија, Белгија, Германија, Јапонија, Русија, Уругвај и од Италија. На изложбата секој уметник учествува со рачно изработена уметничка книга во еден единствен тираж. „Учествувам со минијатурен речник, посветен на македонските темплари, во кој се жигосани 100 печати - симболи на средновековна Македонија, испреплетени со урбани елементи, отцртувајќи го македонскиот идентитет“, вели Крстевски.
Во 2007 година тој ја доби третата награда во Копер, Словенија, на изложбата на цртеж , како и специјална награда за цртеж во Нанџинг, Кина.
Извор: Вест

Се подготвуваат „Барабани во ноќта“ и „Глави“

Претставата „Барабани во ноќта“, по текст на Бертолд Брехт, а во режија на Мартин Кочовски, почна да се подготвува во Прилепскиот театар. За два месеца, прилепската театарска публика ќе може да види два нови проекта, најавува Стојан Дамчевски, директор на прилепскиот театар. Ова е втор проект што се подготвува во Прилепскиот театар од почетокот на годинава. Во завршна фаза се и подготовките на претставата „Глави“ по текст на Петар Петрески, во режија на Бранко Ставрев. Сценографијата за претставата „Барабани во ноќта“ ја работат Јулијана Војкова - Најман, а музиката е на Марјан Нечак. Во претставата гостува актерката Илина Чоревска од битолскиот театар, а во проектот играат младите актери на театарот.
Извор: Време

среда, 5 март 2008 г.

Јованоски најдобар светски параглајдерист

Мартин Јованоски со само 17 години успеа да се искачи на првото место на светската ранг листа во параглајдерство во дисциплината прецизно слетување на цел. Оваа година тој победи на светскиот куп во Перник, беше втор во Крушево и трет во Хрватска и на светскиот куп во Литванија. Зад него останаа многу поискусниот Словенец Матјаж Ферарич и Србинот Зоран Петровиќ. Благодарение на него и Македонија се најде на одличното трето место во таа дисциплина. Јованоски беше прогласен и за најдобар спортист на Воздухопловната федерација на Македонија. Член е на параглајдерскиот клуб Делта од нашиот град од кој редовно произлегуваат успешни спортисти.

вторник, 4 март 2008 г.

Пренамена на „Дом на АРМ“

Со саботното гостување на „Мизар“ во Прилеп, поточно во клубот „Апореа“ повторно се отвори долгогодишното прашање кога во Прилеп ќе се направи добар концертен простор?
Минатата година, општина Прилеп го зеде под своја власт „Домот на АРМ“ или како што е познат меѓу нас „Офицерски“. Намерата е овај објект да биде реновиран и доизграден за да би се користел како нова општинска зграда. Во меѓувреме одлично се најде за организирање на повеќе концерти и свирки како: „Од нас за Прилеп“, „Прилепски заговор“, „Winner Fest“, „Al&The Black Cats“, „Smut & Marrachash Orchestra“ и др. Не дека е кизнеј какво место но лично мене ми се допаќа андерграунд изгледот иако потсетува на комунистичките касарни бидејќи да не заборавиме за што служел претходно. Кога свиреја „Паркети“ кажаа дека тоа било најдоброто место каде што свиреле последно време. Или се зафркаваа со нас?
И сега доаѓаме до поентата на овај пост. Зошто да не се размисли со паметно вложување наместо општинска зграда овај простор да стане место за музички случувања. Нешто како „Дом за млади“ каде што би се искористиле и придружните простории како библиотека, место за изложби или собири на литературни друштва. Мислам дека просторот и не одговара баш за општинска зграда иако се наоѓа во центарот на градот. Подобро би било локалните власти да изградат потполно нова зграда на местото каде што се наоѓа сегашната. Така и оние малку љубители на алтернативната музика би добиле место каде почесто ќе уживаат во настапи на квалитетни музичари. Подобра изолација, реновирање, вентилација и уште мал милион други работи кој треба да се заменат во постојниот „Дом на АРМ“ се сепак голема инвестиција. Но кога може да се одвојуваат пари за други проекти не гледам причина зошто да не се инвестира во еден ваков објект. Го заслужуваме тоа, нели?

понеделник, 3 март 2008 г.

Лош спортски викенд

Силекс-Победа 1:0
На стартот од пролетниот дел од фудбалското првенство фудбалерите на Победа доживеаја непријатен пораз во Кратово. Подмладениот и речиси нов тим на црвено-белите не успеа да ги израдува своите навивачи против слабиот состав на Силекс. Голот за домаќините го постигна Заревски во 44 минута. Следниот викенд го пречекуваме незгодниот тим на Напредок од Кичево.

Вардар Осигурување-11 Октомври 3:0
Одбојкарите на 11 Октомври се поразени на гостувањето во Скопје со 3:0 (25:18, 25:16, 25:16). Со тоа продолжуваат релативно слабите резултати во првата лига ако се знаат големите амбиции пред стартот на сезоната.

Пролет-Тутунски Комбинат 25:24
Уште една наша екипа беше поразена во Скопје. Овојпат тоа беа ракометарите на Тутунски Комбинат кои повторно изгубија од Пролет минимално со еден гол како во есенската полусезона. Пред стартот на продолжувањето од ракометната лига беше донесена мизерна одлука со која долгогодишното име беше променето во глупавото, кретенското, идиотското „ВИП 2007“ кое се надеваме дека нема да продолжи да се користи во иднина.

сабота, 1 март 2008 г.

Премиера на „Приказна за војникот“

Во недела на сцената на народниот театар „Војдан Чернодрински“ во 11.00 часот ќе се одржи премиерата на претставата „Приказна за војникот“ која е во реализација на театарската работилница на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Режисер е Игор Трпчески по текст на Шарл Ф. Рами, кореографијата е на Кире Миладиноски, сцената и костимографијата се на Бојана Артиновска, а музика е на Игор Стравински. Во претставата учествуваат младите актери: Бобан Алексоски, Илија Волчески, Теодора Костадиноска, Елена Ристеска, Ангела Димоска и Наталија Трајкоска.

Мизар во Прилеп

Вечерва во клубот „Апореа“ свој концерт ќе одржи култната Македонска група „Мизар“. Тие пред прилепската публика ќе го претстават својот најнов албум „Поглед кон цветната градина“. Нема сомнение дека Горан Таневски, Горазд Чаповски и останатите членови на бендот ќе дадат се од себе да се прикажат во најдобро светло и на вистински начин да го приближат својот последен проект пред своите фанови. Претходно, на крајот од минатата година тие имаа голем концерт во Универзалната сала во Скопје. Влезот е 80 денари, а почетокот ќе биде околу 23.00 часот.