среда, 26 август 2009 г.

Целодневна журка на базен

понеделник, 10 август 2009 г.

Прилепско културно лето, програма за месец Август

петок, 31 јули 2009 г.

Крпен Живот, предпремиерно во Витолиште

Krpen ZivotПред жителите на Мариово и голем број прилепчани, ансамблот на Прилепскиот театар прексиноќа во автентичниот амбиент меѓу селските куќи во Витолиште преку претставата „Крпен живот“ ја раскажа приказната за животот минат во овие сега веќе раселени краишта.
- Ова не е само претстава туку реконструкција на еден живот. Обид е да се оживее едно време, а публиката го препознаваше живеењето раскажано во претставата. Со метафорите и асоцијациите од претставата, се надевам ќе прозвучи актуелно, ќе открие некои нови состојби кои ни се случуваат и денес во нашиот крпен живот што го живееме во 21 век, изјави Блаже Миневски, кој ја направи адаптацијата на делото на Стале Попов, авторот роден токму во тие краишта.

Режисерот Владо Цветановски, кој со екипата помина добар дел од пробите во Мариово, смета дека се е симболика и со значење.
- Жителите на Витолиште беа дел од публиката. Претставата речиси како да се одигруваше во нивните домови. Реагираа природно. Целиот ансамбл влезе несебично во создавањето на претставата токму овде, во Мариово. Младите актери немаа дојдено во Мариово досега. Сега на поинаков начин го открија и го засакаа. Месечината ни беше инспициент, а небото и дел од паднатите мариовски куќи ни беа сценографски елементи. А се случи и необично нешто. На генералната проба додека попот во претставата велеше дека црквата се распаѓа, падна и дел од покривот на селската куќа, вели Цветановски.

Сите ние, додава режисерот, треба да најдеме начин оваа земја да ја издигнеме, да се обидеме да го вратиме она што нашите предци ни го порачуваат преку „Крпен живот“: дека најважно од се е да имаш гајрет, да можеш да се насмееш, да се пошегуваш, инаку, како ќе живееле тие луѓе на овие простори, во ова сурова природа.

Претставата „Крпен живот“ премиерно ќе биде изведена на 3 август на Охридско лето.

Извор: Вечер

среда, 29 јули 2009 г.

На прилепско лето се изработуваат портрети на Филип II и на Конески

Меѓународната сликарско-скулпторска манифестација „Прилепско уметничко лето“ е во тек. Дваесетина уметници од повеќе држави творат на различни локации од градот во неколку сликарски техники, мермер, метал и дрво. Меѓу делата што ги работат се портретите на Филип Втори и на Блаже Конески. Автор на портретот на Филип Втори е професорот Зоран Иванов од Белград, а на Блаже Конески - скулпторот и професор Симеон Арнаудов.

„Ќе се обидеме во август портретите излеани во гипс да бидат во бронза или изделкани во камен. Се' зависи од тоа дали ќе добиеме пари“, вели Диме Јанески, секретар на Центарот за современа ликовна уметност, организатор на „Уметничко лето“, која е меѓу најстарите манифестации на Балканот со 52. сликарска колонија.

Покрај од Македонија, годинава ќе има гости од Русија, Србија, Италија и Турција. Прв пат годинава беше организирано фотосафари и петмина фотографи направија уметност од глетките што ги понудија манастирите, околината, луѓето.

„Прилепско уметничко лето“ располага со над 1.500 дела на уметниците, учесници од земјава и странство.
Извор: Утрински Весник

недела, 26 јули 2009 г.

Изложба на Тони Чатлески

Портрети, фигури, пејзажи - тоа се дел од мотивите на сликите на Тони Чатлески, кои ќе бидат претставени на неговата самостојна изложба, која беше отворена во петокот, во 20 часот, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Чатлески изложува 23 слики, работени во масло на платно, кои се создадени од 1993 до 2008 година. Ова е негово трето претставување пред прилепчани.

- Има поетика во моето сликарство. Иако меланхолично, сепак е реално. Сликите го отсликуваат времето во кое сум ги создавал. Во нив се гледа и социјалниот аспект на живеењето - вели Чатлески.

Писателот Трајче Крстески вели дека во ликовниот израз на Чатлески портретот е - крик, а пејзажот е чиста противречност на портретот.

Извор: Нова Македонија

среда, 22 јули 2009 г.

Филмски проекции во Центарот за Култура

Во Центарот за Култура „Марко Цепенков“ започнаа летни филмски проекции како дел од проектот Прилепско културно лето 2009. Сите филмови се прикажуваат на „Сцена 105“ со почеток од 21.00 часот. Влезот е слободен.
Еве го распоредот за филмовите кои преостанаа за прикажување:

23.07 - The Fisher King
24.07 - The Man Who Felt On Earth
27.07 - Cabaret
28.07 - Zabriskie Point
29.07 - Hunger
30.07 - Frida
31.07 - The Last Waltz

Монодрама на Бобан Алексоски

Во рамките на културното лето во Прилеп,кое го организира Локалната самоуправа во недела на 26 ти јули со почеток во 21:00 часот на летната сцена од Могилата на непобедените младиот талентиран актер Бобан Алексоски ќе ја изведе монодрамата „Лоши спомени“.
Монодрамата „Лоши спомени“ всушност е селекција т.е избор на сцени од монодрамата „Детски работи“ на Рејмон Кус.
Излитено и лошо минато на еден млад човек, каде што и убавите спомени се претвориле во лоши е главната тема во монодрамата, тука е и вечното прашање за тоа каде одиме после смртта?
Бобан Алексоски е млад актер кој игра во Народниот театар „Војдан Чернодрински“-Прилеп од својата девет годишна возраст. Сега е гимназијалец во прилепската гимназија, но вели дека продолжува на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
„Театарот е мојата желба и страст која целосно се исполнува, театарот ми е во срцето,а сцената ми е во душата“-вели Бобан.

петок, 17 јули 2009 г.

Започна Пиво Фест 2009

Повеќе слики и апдејти за годинешниов Пиво фест на:

www.pivofest.info

среда, 15 јули 2009 г.

Почнува Прилепското културно лето

Со „Вечер на оперска музика“, вечер почнува „Прилепското културно лето“. Публиката ќе има можност да го проследи настапот на сопранот Ирена Крстеска, баритонот Кристијан Антовски во пијано придружба на Андреј Наунов. Триото ќе изведе дела од Моцарт, Чајковски, Рахнањинов и арии од Верди.
Традиционалната културна манифестација „Прилепско културно лето”, што ја организира Центарот за култура „Марко Цепенков“, до крајот на август ќе понуди богата и разновидна програма и 30-ина настани - театарски претстави, изложби, концерти со староградска и класична музика, перформанси и циклус-филмови.
Меѓу нив се и настапите на бендот „Џозефин Суспендерс“, хорот од Летонија „Џиедонис“, како и концертите на етногрупата „Баклава“ и на популарната група „Паркети“. Ќе гостуваат театрите од Штип и од Куманово, а ќе се претстават и Прилепскиот театар и Младинското драмско студио при Домот на културата „Марко Цепенков”.
Планирани се и повеќе изложби, меѓу кои е и изложбата на дела создадени на годинашната ликовна колонија „Дрен“.
- Ќе се користат сите расположиви сцени во градот. Покрај двете во Домот на културата „Марко Цепенков“, на располагање се и отворените сцени на плоштадите „Александрија“ и „Методија Андонов Ченто“, изјави Тони Чатлески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“, организатор на културното лето.
Во автентичен амбјент во мариовското село Витолиште, во рамките на прилепското лето, претпремиерно ќе биде изведена претставата „Крпен живот“, што според текст на Стале Попов и драматизација на Блаже Миневски ја режира Владо Цветановск. Со неа на 3 август Прилепскиот тетар ќе настапи на „Охридско лето“.
Прилепското културно лето годинава финансиски е поддржано од Минисетрството за култура.
Извор: МИА