петок, 31 јули 2009

Крпен Живот, предпремиерно во Витолиште

Krpen ZivotПред жителите на Мариово и голем број прилепчани, ансамблот на Прилепскиот театар прексиноќа во автентичниот амбиент меѓу селските куќи во Витолиште преку претставата „Крпен живот“ ја раскажа приказната за животот минат во овие сега веќе раселени краишта.
- Ова не е само претстава туку реконструкција на еден живот. Обид е да се оживее едно време, а публиката го препознаваше живеењето раскажано во претставата. Со метафорите и асоцијациите од претставата, се надевам ќе прозвучи актуелно, ќе открие некои нови состојби кои ни се случуваат и денес во нашиот крпен живот што го живееме во 21 век, изјави Блаже Миневски, кој ја направи адаптацијата на делото на Стале Попов, авторот роден токму во тие краишта.

Режисерот Владо Цветановски, кој со екипата помина добар дел од пробите во Мариово, смета дека се е симболика и со значење.
- Жителите на Витолиште беа дел од публиката. Претставата речиси како да се одигруваше во нивните домови. Реагираа природно. Целиот ансамбл влезе несебично во создавањето на претставата токму овде, во Мариово. Младите актери немаа дојдено во Мариово досега. Сега на поинаков начин го открија и го засакаа. Месечината ни беше инспициент, а небото и дел од паднатите мариовски куќи ни беа сценографски елементи. А се случи и необично нешто. На генералната проба додека попот во претставата велеше дека црквата се распаѓа, падна и дел од покривот на селската куќа, вели Цветановски.

Сите ние, додава режисерот, треба да најдеме начин оваа земја да ја издигнеме, да се обидеме да го вратиме она што нашите предци ни го порачуваат преку „Крпен живот“: дека најважно од се е да имаш гајрет, да можеш да се насмееш, да се пошегуваш, инаку, како ќе живееле тие луѓе на овие простори, во ова сурова природа.

Претставата „Крпен живот“ премиерно ќе биде изведена на 3 август на Охридско лето.

Извор: Вечер