понеделник, 6 јули 2009 г.

Уметници на креативни средби во Прилеп

Околу дваесет уметници ќе учествуваат на уметничкото лето во Прилеп. Сликарски дела веќе создаваат Анета Сотироска и Марта Макеска. Двете се учесници на ликовната манифестација Прилепско уметничко лето, која традиционално ја организира Центарот за современа ликовна уметност. Во рамките на манифестацијата се одржува 52. сликарска колонијата, 46. издание на меѓународниот скулпторски симпозиум за мермер, интернационалното студио за пластика во дрво, 37. по ред. и интернационално ателје за скулптура во метал, кое се одржува 26. пат.

На уметничките собири ќе творат уметници од земјава и од странство. Најмногубројни ќе бидат сликарите, меѓу кои и Наталија Баженова и Ана Александровна од Русија, Бојан Маневски, Драгиша Шипе, Кристина Божурска од кај нас. Скулпторски креации ќе му остават на градот уметниците од Србија - Александра Плавшиќ, Мирјана Дружетиќ, Зоран Ивановиќ, Јулијана Протиќ и нашите Симеон Арнаудов и Софија Грабулоска.

- Уметничката колонија ги обединува ликовните творци од речиси целиот свет - вели Диме Јанески, секретар во Центарот за современа ликовна уметност.Центарот за современа ликовна уметност има складирано повеќе од илјада творби од многугодишните уметнички лета во Прилеп. Дел од скулптурите го краси Прилеп.

Извор: Дневник