петок, 27 февруари 2009 г.

„Прилеп фолк-фест“ првпат

Точно 25 интерпретатори со новокомпонирани рефрени на народни песни вечерва ќе ја збогатат македонската фолк-музика со учество на првото издание на фестивалот „Прилеп фолк-фест“ во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе се натпејуваат Миле Кузманоски, Сузана Спасовска, Блага Петревска, Благоја Груевски, Данче Темелковска, групата „Биоритам“ и други, додека во ревијаланиот дел ќе настапи познатиот дует Селимова - Желчевски. На чело на жири-комисијата е познатата пејачка Есма Реџепова-Теодосиева. „Прилеп фолк-фест“ ќе има натпреварувачки карактер, а пејачите ќе се борат за три награди на публиката, жирито и уште три награди за интерпретација. Предвидени се и традиционално фестивалските награди за најдобар сценски настап и дебитант. Фестивалот, со почеток во 20 часот, в петок, ќе го пренесува ТВ „Сител“.
Извор: Дневник

вторник, 24 февруари 2009 г.

Прочка 2009

Во недела на 1-ви Март, по 9-ти пат ќе се одржи традиционалниот меѓународен карневал „Прочка“. Организатор е здружението „Прилепски Мечкари“ поддржано од Локалната самоуправа.
Првата манифестација ќе биде во петок со изложбата на маски изработени од ученици од основните и средните училишта во градот.
Свеченото отворање е во сабота 28.02 во 20.00 часот на плоштадот Александрија каде ќе настапат Каролина Гочева и групата „Паркети“. Истата вечер се случуваат уште два други музички настани. Во рок клубот „Апореа“ ќе настапат: „Dedicated for life“, Георги Шарески-Квартет и Џака Накот. Забавата ќе продолжи во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ каде свои DJ сетови ќе имаат: Ultra Voice (Compact Records/Israel), Darkside и Psymode (Lynatica Tribe). Влезот за овај настан е 100 денари.
Во недела е главната манифестација со дефиле на учесниците како од Македонија така и од гостите од соседните земји. Соодветни награди ќе им бидат доделени на најдобрата детска, поединечна и групна маска. Вечерта, традиционално повторно сите под маски во локалните кафе-барови и дискотеки.
И за крај како што велат организаторите:
„Не дозволувајте други да Ви прикажуваат, дојдете сами и видете.
Но не се правете курнази, оти овде има и покурнази!“

среда, 18 февруари 2009 г.

Стефановски со мини-турнеја низ Македонија

Популарниот гитарски виртуоз Влатко Стефановски со своето трио напролет ќе одржи мини-турнеја низ градовите во Македонија. Настапите ќе почнат од Струмица на 6 март, а во наредниот ден ќе настапат во Битола. На 13 и 14 март ќе настапат во Гостивар и во Прилеп, а мини-турнејата ќе заврши со концертот во Куманово на 25 март. По концертите низ Македонија, на 30 март Влатко ќе настапи заедно со Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов и Оркестарот „Тонкунстлер“ во Виена, а потоа на 4 април самиот ќе настапи во словенечкиот град Птуј. Загревање за овие настапи ќе бидат концертите во Љубљана на 19 февруари и во Нови Сад на 27 февруари, каде што исто така ќе настапи со триото. На 4 март во Истанбул ќе настапи со турскиот музичар Кудси Ергунер.
Извор: Дневник

недела, 15 февруари 2009 г.

Изложба на графики од Емилија Ѓорѓијоска

Во петокот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на графики од ликовниот уметник Емилија Ѓорѓијоска. Ова е нејзина прва самостојна изложба на која се презентирани дваесетина дела.

среда, 11 февруари 2009 г.

Институт за роботика во Прилеп

Министерството за образование и наука ја прифати апликацијата на прилепски „Микросам“ за отворање приватен, единствен во регионот институт за современи композити и роботика.
Оваа научна установа, низ интердисциплинарен пристап ќе ја развива фундаменталната и применета наука во областите на современите композити и роботиката.
Како што велат во „Микросам“, институтот ќе создаде услови за лидерска позиција на домашниот и на меѓународниот пазар.
„Имаме доволно стручни кадри. Двајца доктори на науки, на кои наскоро ќе им се придружи уште еден, и шестмина инженери. Сега имаме простор и опрема која постојано ќе ја надградуваме. Така, наскоро во кругот на фабриката ќе се изградат и нови објекти. До крајот на годинава треба да стигне и акредитацијата за магистерските и докторските студии“, објаснува Благоја Самакоски, сопственикот на „Микросам“.
Институтот ќе едуцира и кадри од вториот и третиот циклус од Болоњскиот универзитет. Според планот, годишно ќе се примаат од тројца до петмина млади научници кои сакаат да ги продолжат своите магистерски и докторски студии. Вратите на Институтот ќе бидат отворени не само за домашните студенти туку и за студенти од странство.
Извор: Утрински Весник

вторник, 10 февруари 2009 г.

Јавна анкета за изградба на комплексот „Карпалак“

На општинската веб страница е поставена јавна анкета за определување на локација за изградба на комплексот „Карпалак“ посветен на загинатите војници од Прилеп во војната 2001. Понудени се 4 предлог локации: на главниот плоштад, плоштадот „Александрија“ и две локации во Паркот на револуцијата.
Доколку не навлегуваме во изборот на локациите единствена забелешка е неможноста да се предлагаат нови локации бидејќи изборот е премногу тесен. Нашите војници заслужуваат да имаат посебно катче одделено од учесниците во Втората светска војна, настрана од плоштадите.

недела, 8 февруари 2009 г.

„Таму каде што не сум бил“ првпат кај нас

Режисерката Зоја Бузалковска во Прилепски театар го поставува текстот „Таму каде што не сум бил“ од Жанина Мирчевска, наша драмска писателка, која живее и работи во Словенија. Текстот е напишан во 1996 година, а ова е прво негово заживување на некоја од домашните сцени. Бузалковска вели дека од поодамна сакала да го работи текстот на Мирчевска, но за тоа немало слух во македонските театри. - „Таму каде што не сум бил“ досега е поставен само во Словенија. Сега се создадоа поволни услови и кај нас и Прилепскиот театар прифати да го работи. Го предложив тука не само поради големиот успех на Прилепскиот театар, туку и затоа што има силна актерска екипа. Сега е вистинското време и место за ова, а текстот и по 12 години од пишувањето не губи од својата актуелност - вели Бузалковска. Текстот на Жанина Мирчевска е напишан со поетски јазик. Дејството го движат монолози, дијалози и монолошки форми, кои се специфични за изговор и за играње. Во претставата се зборува за човековата детерминираност, немоќта да се соочи со светот и со животот, за соодносот институција-индивидуа. - Човекот на сцена ги пренесува соништата, надежите, потребите, вербата, но и немоќта да сонува - вели екипата во најавата за претставата.
Извор: Време

петок, 6 февруари 2009 г.

Изложба „Патувањето на Достоевски“

Вечерва во 18.00 часот во изложбената галерија на Градската Библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Патувањето на Достоевски“. Се покануваат сите љубители на ликовната уметност, но и сите вљубеници во културата да ја посетат оваа интересна изложба која загарантирано ќе го привлече вниманието на секој посетител.

недела, 18 јануари 2009 г.

Бобан Алексоски – нов прилепски театарски талент

Бобан Алексоски порасна на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Љубовта кон уметноста уште од најраните години го „навлече“ на животот на театарските штици, за кој вели дека ќе го продолжи со запишувањето на Факултетот за Драмски уметности во Скопје.
Гимназијалецот Алексоски зад себе веќе има околу десет театарски улоги, претежно во претставите за деца, како што се „Снежана и седумте џуџиња“, „Петар Пан“, „Свињарот и принцезата“, „Мачорот во чизми“, „Волшебникот од Оз“, претставата за возрасни „Песијазол“ и др. На репертоарот на прииелпскито театар во моментов е актулана претставата „Приказна за војникот“ во која младиот актер ја игра главната ројла а на гостувањето во Србија на фестивалот „Репасаж“ го доби признанието за најдобра актерска игра - глумец на вечерта.
Бобан за театарот вели: „Сцената ја доживувам како огромно светилиште кое зрачи и е предизвик за животот да се помине на неа, јас го сакам театарот и животот ќе го посветам на него”.
Со својот талент успева секогаш да ја воодушеви публиката и им остава голем впечаток на неа, велат постарите колеги од прилепскиот театар за Алексоски.
Алексоски е целосно обземен од театарот што се гледа и од неговите планови за оваа година: „Минатата 2008 г. беше многу успешна за мене како театарска година. Имав неколку театарски проекти, но најважно ми е што ја добивам целосната поддршка од севкупниот ансамбл на прилепскиот театар и им се заблагодарувам за тоа. За 2009 г., исто така, се надевам дека ќе има проекти во кои ќе бидам влучен, но предизвик ми и монодрамата како театарска форма и моментално сум концентриран на еден текст - монодрама од Рејмон Кус”.
„Се гордеам со прилепскиот театар, затоа што во секој проект го изнесува пред публиката најдоброто со огромна театарска енергија”, вели надежниот актер Бобан Алексоски.
Извор: Форум