Фудбалскиот клуб Победа од Прилеп осум години ќе нема право на настап на европската фудбалска сцена. Александар Забрчанец, првиот човек на овој клуб, и Николче Здравески, тогашен фудбалер на прилепчани, доживотно не ќе можат да извршуваат никакви функции во фудбалот. Неофицијално дознаваме дека ова е одлуката на дисциплинците на УЕФА по повод обвинувањата за местенка на мечот Победа - Пјуник од Ерменија (1-3), од квалификациите за ЛШ, во Скопје, на 13 јули, 2004 година. Прилепчани имаат право да се жалат на оваа одлука на дисциплинската комисија на УЕФА донесена вчера доцна попладне. Тоа ќе може да го сторат во рок од шест дена по добивањето на одлуката во писмена форма.
Прилепчани беа обвинети за непочитување на принципите за интегритет и фер плеј во фудбалот, манипулирајќи со резултатот на натпреварот од квалификациите за ЛШ, за да остварат незаконски добивка за себе и за трета страна. Обвинението УЕФА го темели според информации од обложувачката индустрија за нерегуларни уплати и на изјави од сведоци.
Извор: Дневник