четврток, 30 октомври 2008 г.

Програма за „3-ти Ноември“

2 Ноември

19.00 часот:
Свечено отворање на туристичката патека „Крал Марко“ и амфитеатарот во Варош каде што концерт ќе одржат Борис Трајанов и квартетот Даутовски.

3 Ноември

09.00 часот:
Положување на цвеќе на спомениците на првиот претседател Методија Андонов-Ченто, паркот на револуцијата и Песјобрдце.
11.00 часот:
Пуштање во употреба на новата зграда на Основен Суд-Прилеп
16.00 часот:
Петта прилепска бригада-кружен тек, реконструкција на водоводната мрежа-почеток на фаза II
17.00 часот:
Поставување на камен темелник на новата административна зграда на ЈКП „Водовод и канализација“
19.00 часот:
Доделување на наградите „3-ти Ноември“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Концерт на Софија Никоска-виолина, Христина Никоска-пијано и градскиот црковен хор под диригентство на Илија Јанчулески

Награда за животно дело ќе добие оперскиот пејач Борис Трајанов.
Годинешни носители на наградата „3-ти Ноември“ ќе бидат: Гоце Седлоски, Наталија Ацеска, Илија Јанчулески, Петре Алавантиоски, Томислав Темелкоски, Виолета Проскоска и Сабина Асаноска

среда, 29 октомври 2008 г.

Три награди за прилепскиот театар на МЕСС

Претставата „Тапани во ноќта“ во продукција на Народниот театар од Прилеп, доби три награди на 48. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево.
Претставата работена по Бертолд Брехт во режија на Мартин Кочовски е наградена со Сребрен ловоров венец за најдобра претстава во категоријата MittelEurope. Наградата „Јурослав Корениќ“ за најдобар млад режисер му е доделена на Мартин Кочовски, кој ја дели со Филип Гринвалд. Прилепскиот театар ја доби и наградата на Тркалезната маса на критиката на МЕСС 2008 за најдобар авторски став „Клуч за толкување“.

Ново востановената награда „Марко Ковачевиќ“, која што се доделува за најдобра книга од областа на есеистиката или публицистиката за сценските уметности, оваа година и е доделена на театарската критичарка и публицистка од Македонија, Лилјана Мазова за книгата „Посветеност, Процеси, Персони“ во издание на Силсонс, Македонија.
Наградите на 48. Интернационален театарски фестивал МЕСС, што се одржа од 18 до 28 октомври, утринава беа соопштени во Сараево.
На годинешниот фестивал беа прикажани 33 претстави од 17 земји од светот. Гран при или Златниот венец за најдобра претстава во целина, жирито и додели на претставата Sclavi/Емигрантска песна, во продукција на театарското студио Farm in the cave од Чешка.
Извор: Макфакс

вторник, 28 октомври 2008 г.

Спортски викенд

Пелистер-Победа 0:1
Со голот на Нестороски во 71 минута фудбалерите на Победа ги освоија бодовите во пелагониското дерби што се играше „Под тумбе кафе“. Со тоа поправен е впечатокот од лошиот старт на сезоната и сега со поволниот распоред, двете нови засилувања во Крстев и Ристевски како и воиграноста на екипата реални се очекувањата за искачување во горниот дел на табелата и борба за местата кои водат во Европа. Следната недела Победа ќе одмора и ќе се подготвува за дерби натпреварот со лидерот на табелата скопски Вардар кој од летово го има и новиот спонзор во името на Трифун Костовски.
Вардар О.-11 Октомври 1:3
Пријатно изненадување се и одбојкарите на 11 Октомври кои после победата на Шкендија им го зедоја скалпот и на Вардар Осигурување и тоа на гостински терен. Домаќините кои најавуваа сигурна победа се најдоја затечени од новиот годинашен тим, засилен и одлично воигран кој ќе атакува на врвот од табелата.
Златен Даб-слободен
Ракометароте на Златен Даб засега немаат достоен противник во втората македонска ракометна лига и слават убедливи победи. Ова коло беа слободни после успехот во Охрид против домаќинот Климент Охридски со 13:34
11 Октомври-Бабуна 4:2
Нова лесна победа издвојуваа фудбалерите на третолигашот 11 Октомври овојпат на домашен терен против велешка Бабуна. За разлика од минатото коло кога противникот деветпати ја вадеше топката од сопствената мрежа овај викенд стрелците се „релаксираа“. 11 Октомври цврсто ја има запоседнато првата позиција на табелата и е најсериозен кандидат за влегување еден ранг повисоко.

понеделник, 27 октомври 2008 г.

Прилепскиот театар ја заврши турнејата во БиХ и Црна Гора

Со претставата „Тапани во ноќта“, прилепскиот Театар ги заврши еднонеделите гостувања во Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Започа со учеството на 48. Меѓународен театарски фестивал МЕСС во Сараево на 19 ти октомври, два дена потоа гостуваше во Зеница за на крајот на 24-ти турнејата да ја заврши пред театарската пулика во Подгорица, Црна Гора.
-Задоволни сме од настапите и од реакциите на публиката и на критиката. Претставата “Тапани во ноќта” живее и се надградува, а играта на актерите е покомпактна. Искуството стекнато на МЕСС, каде се најдовме меѓу 17 земји учеснички е огромно зашто бевме во рангот на реномираните светски театри како што е берлинскиот, изјави режисерот на “Тапани во ноќта” Мартин Кочовски.
Во Подгорица гостуваше на покана на Народно позориште, каде од директорот на театарот Јанко Љумовиќ е најавен продолжување на соработката со прилепскиот театар.
Министерот за култура на Црна Гора, Бранислав Миќуновиќ навестува конкретна соработка со македонското Министерство со кое пред две години има потпишано начелен договор.
- Сега во ноември очекувам билатералната соработка на културен план да ја конкретизираме. Во почетокот на идниот месец ќе потпишеме конкретни тригодишни договори со 4-5 македонски институции од културата. Ќе стане збор за копродукции, фестивалски продукции и размена на проекти, како што се театарски и оркестарски. Ќе се одреди и бројот на проектите за размени и гостувања во двете земји, изјави црногорскиот министер за култура Миќуновиќ.
Според него тоа ќе значи здружување на културниот дух во двете земји кои и досега имаат непречена плодна соработка.
Извор: МИА

среда, 22 октомври 2008 г.

Наскоро започнува градењето на затворениот олимписки базен

Во Јануари, на почетокот на идната година треба да започне градењето на затворениот олимписки базен во нашиот град. Локацијата ќе биде во населбата Аличаир кај поранешната зоолошка градина.
Освен базентот со димензии 50 х 25 метри, ќе има и други придружни објекти како фитнес, теретана, мали сали, деловни објекти...
Ова е доста значајна инвестиција во спортот кај нас бидејќи објектот ќе може да се користи како за рекреативци така и за одржување школски часови но и професионално занимавање со некој од спортовите на вода.

вторник, 21 октомври 2008 г.

Откриени скулптури на божицата Нике и на Ефеб

Две скулптури од античко време се откриени на археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп. Скулптурата на божицата Нике е со крилја. Археолозите пронашле и нов, досега неистражен култен објект. Ретка скулптура е Нике, иако без глава. На неа има и релјеф, а големината и' е од 35 до 40 сантиметри. Пронајдена е во два дела, колкови и горен дел што прават целина. Нике била гласник на боговите. Се вклопува во периодот околу 2 век, кога градот бил во процут - вели археологот Лилјана Кепеска од прилепскиот Завод и Музеј.Околу еден метар висока е скулптурата на младото момче Ефеб. Таа претставува момче што вежба и се обучува за повеќе вештини. Најдовме и дланка со диск в рака на момче што најверојатно извојувало победа во фрлање диск - вели Кепеска.Новиот објект допрва ќе се истражува. Според дебелината на ѕидовите, упатува на култен простор.
Извор: Дневник
Врски: Време, Вест

понеделник, 20 октомври 2008 г.

Сам себе си го уништувал

Паркот на револуцијата

Ќе бидат ли вратени?Мали се казните или толкава ни е културата?

сабота, 18 октомври 2008 г.

Германската колкеција на МСУ во Прилеп

Уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп. Изложбата претставува сегмент во развојот на ликовната уметност во Германија. Оваа збирка на МСУ содржи 121 дело од 46 автори. Изложбата ја организираат Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Министерството за култура, во соработка со Националната галерија на Македонија и со МСУ, во рамките на долгорочниот проект „Кич, да!? Сте или не?“. Целта на акцијата е да се претстави и да се промовира ликовната уметност. На тој начин до публиката ќе се доближат врвните уметници од македонската и од светската ликовна сцена.
Извор: Дневник

вторник, 14 октомври 2008 г.

Се подготвува „Службогонци“

Во Прилепскиот театар започна да се работи четвртиот проект за оваа година „Службогонци“ од Иван Вазов, кој го режира Софија Ристевска, а во кој учествува поголемиот дел од ансамблот на театарот. Премиерата е закажана за ноември, а до крајот на годината ќе биде реализиран уште еден камерен проект во режија на Кирил Петрески, со што се заокружува вкупната бројка од пет претстави кои Прилепскиот театар ќе ги реализира годинава. За идната година тој конкурираше до Министерството за култура со седум претстави, но допрва ќе биде познато колку проекти ќе му бидат одобрени.
Извор: Утрински Весник