четврток, 29 ноември 2007 г.

Инсталација "SFRJ GO HOME"

Инсталацијата "SFRJ GO HOME" на ликовниот уметник Златко Крстевски, ќе биде поставена денеска (18 ч.) во Уметничката галерија "Марко Цепенков" во Прилеп. Уметникот Крстевски вели дека станува збор за антимилитаристичка, заедничка визија за некогашната СФРЈ како интегрирано општество, преку демистификација на комунистичките митови создадени за време на распадот на Југославија пред и потоа, како промовирање на нови заеднички вредности за сите граѓани на Македонија.
Отпечатени се и седум картички - по една за сите екс-републики, и една колаборативна со знамето на СФРЈ. На сите знамиња се претставени и мечиња како сатирична визија.
Делото ќе биде претставено во Белград на меѓународниот фестивал Опен њорлд", а делови во форма на мејл-арт ќе бидат испратени на изложби во Италија, Франција и САД.
Извор: Вечер

вторник, 27 ноември 2007 г.

Стоп за убивањето на кучињата!

Пред неполна година бев сведок на суровото, нехумано убивање на кучињата скитници. Верувам дека не бев единствената (тоа се случи во Точила околу полноќ и на улиците имаше повеќе претежно млади луѓе што пукањето не го правеше само грозна глетка, но и опасна) која се најде изреволтирана и згрозена од таквата сурова, нехумана и варварска постапка која се случуваше пред наши очи.
Од овој настан не бев само јас засегната, погледнете што се пишуваше на интернет: Прилеп, град убиец на кучиња, иако претпоставувам и на други места луѓето реагираа.
Но тоа беше пред неполна година, сега како што дознав кучињата се ловат и потоа се успиваат. Тоа не ми се чини ништо похумано и поцивилизирано. Убивањето си е убивање, но овојпат тоа не се случува пред очите на прилепчани. Контактирав со некои здруженија за заштита на животните и добив повратна информација дека успивање (еутаназија) на животни не е дозволено во никој случај, освен во исклучителни ситуации кога животното е многу болно, а ветеринарната помош не може да помогне.
Како најдобро и најхумано решение се смета и практикува, според европски стандарди: ловење, вакцинирање, евентуално кастрирање, а потоа или вдомување или повторно враќање на улица.
Колку што знам во Битола и Скопје веќе има стационари што функционираат. Кога може таму, сигурно може да се најде некое поцивилизирано решение и во Прилеп, зошто сепак се стремиме Прилеп да биде европски град, нели?

Менче З.

п.с. Благодарност до Менче за испратениот текст. Воедно ова нека биде апел и другите читатели да праќаат свои текстови.

понеделник, 26 ноември 2007 г.

Порази на Победа и 11 Октомври

Ренова-Победа 2:0

Нова разочарувачка игра на фудбалерите на Победа и пораз во Тетово од домашната Ренова со 2:0. На табелата Победа е шеста со 21 бод. Наредниот викенд во Прилеп ја пречекуваме екипата на Цементарница против која се очекува сигурна победа.

11 Октомври-Вардар 1:3
Пораз доживеаја и одбојкарите на 11 Октомври кои не ги постигнуваат посакуваните резултати во новата сезона. Во саботата загубија од Вардар со 1:3 (21:25, 26:17, 23:25 и 16:25). Раководството на тимот мора да направи анализа и да ги утврди слабите резултати. Особено што вината треба да се бара на нивна страна во смената на тренерот на самиот почеток од првенството.

Станојоски одличен на турнир во Белград
Нашиот шаховски велемајстор Звонко Станојоски (2467) игра одлично на стартот на 20-тиот Трофеј на Белград што се одржува во Обреновац. Тој оствари победа во првите три натпревари и се наоѓа во групата на шахисти со максимални поени. Досега оствари победи над Небојша Весовиќ (2106) од Црна Гора, Драган Савиќ (2229) од Србија и против Бранко Станоевиќ (2300) исто така од Србија.

Наумоски повторно погодува
Фудбалскиот интернационалец Илчо Наумоски беше стрелец на израмнувачкиот гол за својата екипа Матерсбург во натпреварот против Рид. Со голот во последната минута ја спаси од пораз својата екипа која се наоѓа на 4-то место во австриската прва фудбалска лига. За Матерсбург целиот натпревар го одигра и Гоце Седлоски.

петок, 23 ноември 2007 г.

Петти меѓународен фото салон „Визант“

Во уметничката галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вчера беше отворен Петтиот меѓународен фото салон „Визант“. Селектерини се околу шеесетина фотографии од 120 автори од 28 земји.
Добитник на овогодишното Гран при е Херман Чатер од Словенија, а прва награда освои Куели Христина Бриди од Бразил. Второнаградена е Маја Медиќ од Србија, а третонаградена е Ивана Милиќ од Хрватска. Во рамки на фото салонот се доделува и специјална награда, овојпат таа му припадна на Теодор Раду Пантеа.
Ирена Паскали, Владимир Секуловски, Роберт Брсакоски и Златко Крстески се учесници од Македонија. За фото салонот е публикаван и каталог во формат од 32 арт-разгледници. Изложбата е во организација на Центарот за визуелни уметности „Визант“ и е независна културна акција.

четврток, 22 ноември 2007 г.

Ретро слика

Екипата на Р.К.Тутунски Комбинат на последниот натпревар во салата „Македонија“ пред да изгори во големиот пожар на 12.06.1993.

вторник, 20 ноември 2007 г.

Младост лидер во пингпонгарската Супер-лига

Пингпонгарскиот тим на Младост оствари победа од 0:5 на гостувањето во Крива Паланка против истоимената екипа. Со 12 поени, Младост се наоѓа на првата позиција на табелата и во наредното коло ќе игра со минатогодишниот шампион Југококта.
Илчо Наумоски беше стрелец на вториот гол за репрезентацијата на Македонија која во саботата славеше над Хрватска со 2:0. Одлична партија прикажа и капитенот на нашата фудбалска репрезентација Гоце Седлоски.
Екипата на 11 Октомври овај викенд беше слободна во одбојкаркото првнество на Македонија. Поради репрезентативните настапи одмараше и екипата на фудбалскиот клуб Победа.
Ракометарите на Тутунски Комбинат беа убедливо поразени на домашен терен од екипата на Металург со 24:33. Натпреварот се одигра порано од предвидениот термин поради настапот на скопјани во европските купови. Во следното коло Тутунски му гостува на Вардар ПРО во Скопје.

понеделник, 19 ноември 2007 г.

Стрип антологија „Преку границите“

Ви издание на центарот за визуелни уметности „Визант“ од нашиот град е објавена стрип антологија „Преку границите“. Во неа се застапени бројни автори од Македонија: Атанас Ботев, Иванка Апостолова, Наташа Андрееска, Дмитриј Михајлоски, Горан Дачев, Миле Ничевски и Златко Крстески. Од странските автори застапени се: Нини Буњевац од Канада, Питер Купер од САД како и повеќе уметници од Холандија и Австралија. Антологијата е на 22 страници и ќе биде промовирана на меѓународниот фестивал во Москва.

четврток, 15 ноември 2007 г.

Концерт на КУД „Моминок“

Во недела 18.11 свој концерт ќе одржи културно уметничкото друштво „Моминок“ од нашиот град. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток од 18.30 часот. Гости ќе бидат КУД „Бучим“ од Радовиш и КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод. Влезницата е 30 денари.

среда, 14 ноември 2007 г.

Индивидуален блогер