среда, 31 октомври 2007 г.

Изложба на дела од Борко Лазески

По повод девет годишнината од смртта на академскиот сликар Борко Лазески во неговиот роден град Прилеп, Друштвото за наука и уметност, Музејот и градската библиотека одржаа час за животот и делото на истакнатиот македонски уметник и педагог, а во галеријата од домот на културата „Марко Цепенков“ е отворена изложба со дела на Лазески.
- Ликовниот опус на Лазески содржи иновациски транзиции во рамките на македонската современа ликовна уметност. Тој е од оние десетмина кои кај нас успеаја да ја задржат модернистичката линија препознатлива како уметност по 1945-тата година, рече Марика Бочварова Плавевска, од Музејот на современата уметност од Скопје.
Деклариран монументалист, односно муралист, Лазески наслика многу мурали, пред се со тематика од Народноослободителната борба на повеќе јавни објекти во Македонија. Муралите ги има во прилепскиот Дом на културата и во Музејот „11 Октомври“. Негово дело се и витражите во Македониумот во Крушево.
- За татко ми предизвик беше да го облагороди Ѕидот. Тој тоа постојано го правеше со нескриена инспирација, вели ќерката на уметникот Росица Лазеска.
На изложбата во Галеријата во прилепскиот Дом на културата се изложени и дела на Лазески кои јавноста прв пат ги виде, меѓу кои портрет на Драги Пепељугоски и циклусот цртежи насловен „Митрашинци“ донесен од неговото ателје.
Извор: МИА

вторник, 30 октомври 2007 г.

Гостување на Македонската опера и балет

Во четврток, 01.11 во Центарот за Култура „Марко Цепенков“ гостува Македонската опера и балет. Под диригентската палка на Бисера Чадловска ќе настапат повеќемина солисти кои ќе и приредат на публиката несекојдневна можност да ужива во нивната музика. Почетокот е во 20.00 часот, а влезот е бесплатен.

понеделник, 29 октомври 2007 г.

11 Октомври-Сеат Нефелс 0:3

И во реваншот од одбојкаркиот ЦЕВ куп, прилепскиот тим беше максимално поразен од швајцарскиот претставник со 0:3 (15:25, 15:25 и 17:25). Дебито на меѓународна сцена помина без ниеден освоен сет и со неочекувана слаба игра. Тие заедно со вториот претставник од Македонија, Работнички кој исто така беше елиминиран од овај куп ќе продолжат во Челенџ Купот. На неколку дена пред натпреварот дојде до смена и на тренерската позиција. Досегашниот тренер Дејан Димоски поради приватни причини го напушти кормилото, а на негово место дојде помошниот тренер Марјан Басароски
Серијата слаби резултати ја продолжија и фудбалерите на Победа кои повторно беа поразени во дербито против Работнички со 4:2. Головите за црвено-белите ги постигнаа Алмеида и Ѓоровиќ. Тежок натпревар претстои и идниот викенд кога во Прилеп ќе гостува екипата на Македонија Ѓорче Петров која исто така постигнува разочарувачки резултати.
Прилепскиот велемајстор Звонко Станојоски е дел од македонската шаховска репрезентација која настапува на европското првенство. Тој во својот прв настап вчера се избори за реми.
Фудбалерите на австрискиот Матерсбург Гоце Седлоски и Илчо Наумоски постигнаа по еден гол во победата на нивниот тим против екипата на Пашинг од 5:2. Со тоа продолжуваат добрите игри на прилепските фудбалски гастербајтери надвор од нашата земја.

недела, 28 октомври 2007 г.

Концерт на Јасмина Трајческа

Вечерва во Центарот за Култура „Марко Цепенков“, свој концерт ќе има пијанистката Јасмина Трајческа која е студент во класата на професорот Валериј Стефановски. Таа ќе изведе дела од Шостакович и Барток. Почетокот е во 20.00 часот

понеделник, 22 октомври 2007 г.

Сеат Волеј - 11 Октомври 3:0

Во првиот настап на евро сцената т.е. во ЦЕВ купот, одбојкарите на 11 Октомври загубија во Швајцарија од Сеат Волеј со максимални 3:0 (25:21, 25:13 и 25:21). Реваншот се игра следниов викенд во Универзалната сала.
Ново срамно издание на фудбалерите на Победа кои во Куманово загубија од домашниот тим на Милано со убедливи 4:0. На следниот натпревар гостуваат во Скопје против екипата на Работнички.

четврток, 18 октомври 2007 г.

Уредување во центарот

Проектот за партерно уредување во центарот на градот кое што е во тек:

вторник, 16 октомври 2007 г.

М.Јованоски победи на Светскиот куп во Перник

Прилепскиот параглајдерист Мартин Јованоски, член на ПК Делта го освои првото место на Светскиот куп кој што се одржа во Перник, Бугарија. Тој победи во дисциплината „прецизно слетување на цел“ во конкуренција на 58 натпреварувачи од 10 земји. Претходно освои бронзен медал на светското првенство во Литванија. 17-годишниот Јованоски се наоѓа на одличното четврто место во генералниот пласман на ФАИ и тоа во конкуренција за сениори.
Ракометниот клуб Тутунски Комбинат загуби минимално на гостувањето во Битола од Пелистер со 32:31.
Викендов се одржа и меѓународниот турнир во стрелаштво „11 Октомври“. Членовите на Херој Прилеп не триумфираа во ниту една дисциплина иако освои повеќе втори и трети места. Сето тоа како резултат на поделеноста во стрелачкиот сојуз и отсуството од квалитетните натпреварувања.


понеделник, 15 октомври 2007 г.

Промоција на книга

Утре, 16.10 во 19.00 часот во Градската Библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи промоцијата на поетската книга „Остави ја тагата“ од Менче Настоска Кадинец. Промотори на книгата ќе бидат Мирјанка Р.Селчанец и Сузана Горгиоска.
Во среда, 17.10 во 19.00 часот ќе се одржи годишниот концерт на октетот „Прилеп“. Гости на концертот се Ванчо Петрушевски, Анета Ефтимова и Илија Бошкоски-Чоки. Влезот е бесплатен.

Заштитете ја околината!

Денеска е т.н. Blog Action Day кога илјадници блогови од целиот свет ќе постираат написи за заштита на околината во обид да ја подигнат свеста кај читателите. Од тука и апелот на Prilep Online, ЧУВАЈТЕ ЈА ОКОЛИНАТА! Не фрлајте ѓубре на сите страни, не ги уништувајте зелените површини, не сечете дрвја, не трошете ја чистата вода залудно, штедете ја струјата, јадете здрава храна...впрочем не треба некој да Ви кажува што треба да правите. Разбудете ја свеста во себе!