Во понеделник (10.09) со почеток во 19.30 часот ќе се одржи аудиција за 22 млади актери за претставата „Бум, бум, мртов си!“. Аудицијата ќе се одржи во центарот за култура „Марко Цепенков“ на сцената 105. Пожелно е кандидатите да подготват монолог или рецитација. Претставата е во организација на Младинската Театарска Сцена од Прилеп. За подетални информации контакт на телефон: 075/403-313
четврток, 6 септември 2007 г.
среда, 5 септември 2007 г.
Седумдневна ликовна колонија
Во Прилеп денес почнува седумдневна сликарска колонија во организација на невладината организција „Форум за авангардна креативност“.
Сликарската колонија е во рамките на проектот „Прилеп-град на културата“. На колонијата ќе учествуваат десеттина уметници од Македонија кои ќе творат црпејќи инспирација од околината на Прилеп. Тие ќе изработуваат дела со масло на платно, кои по завршувањето на колонијата ќе бидат во вид на „патувачка изложба“ изложени низ повеќе градови во Македонија.
Извор: МИА
Извор: МИА
„Пакт со волците“ во петок
Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 7 Септември ќе се прикажува францускиот филм „Пакт со волците“. Проекцијата ќе биде на сцената 105, втор кат од центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 21.00 часот. Влезот е слободен
вторник, 4 септември 2007 г.
Транс журка на 8 Септември
На денот на независноста на Република Македонија-8 Септември ќе се одржи транс журка на градскиот базен „Маркови Кули“ во Прилеп. Почетокот е во 22.00 часот, а влезот е слободен.
Настапуваат:
Darkforce - WRC, Moonsun Records, Extra Cheese
B.A.N.E - WRC, Amplifying Studio, Future Sounds
Miss Triptamina - Soul Of Trance
Trefko - WRC
понеделник, 3 септември 2007 г.
50 години ликовна колонија
Во ликовната галерија на домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е поставена изложба по повод 50 години од ликовната колонија. Моја препорака е да одделите 10-15 минути и да ги погледнете петнаесетината слики кои што се изложени деновиве.
недела, 2 септември 2007 г.
Цементарница-Победа 0:2
Фудбалерите на Победа ја забележаа првата победа на гости оваа сезона. Тие ја совладаа Цементарница во Скопје со 0:2, полувреме 0:1. Головите ги постигнаа Марјан Нацев (36 минута) и Димитар Капинковски (59 минута). Сега имаме 8 бода и полека се искачуваме на врвот на табелата односно го делиме 5-тото место со екипата на Силекс од Кратово.
Овдека да спомнеме дека во екипата повторно се вратија Тони Мегленски и Борче Манески кои ќе претставуваат големо засилување во понатамошниот дел на првенството.
Следниот натпревар го играме на 16 Септември со екипата на Вардар од Скопје на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во нашиот град.
сабота, 1 септември 2007 г.
Осма тениска балканијада
Од 5-9 Септември во Прилеп ќе се одржи осмата тениска балканијада за играчи до 14 години. Домаќин е тенискиот клуб „Маркови Кули“ на чии терени ќе се одржуваат и натпреварите. Ќе учествуваат вкупно осум репрезентации, Македонија, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Грција со околу седумдесет натпреварувачи. Освен тениските натпревари ќе се одржат и неколку работни состаноци на тренерите и стручните лица од федерациите.
Згасна женскиот тим на РК Тутунски Комбинат
Со голема жал ве известувам дека и официјално повеќе не постои женската екипа на ракометниот клуб „Тутунски Комбинат Бренд“. Она што се навестуваше подолго време се покажа како точно и поради немање финансиски средства клубот го откажа учеството во женската ракометна супер лига. Поголемиот дел од ракометарките си најдоја нови клубови за оваа сезона. Не треба да спомнувам за големата традиција и големиот број на квалитетни ракометарки кои произлегоја од него. Долги години младинските екипи беа неприкосновени во своите категории, а прилепската ракометна школа беше една од најдобрите во Македонија.
петок, 31 август 2007 г.
Прилепскиот Народен Театар работи на нова претстава
Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ почна со работа на новата претстава „Железниот светилник“ која се најавува како голем мултимедијален проект.
Претставата е според романот на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски и во драматизација на писателот Трајче Крстески.
- Возбудлива е приказната што во романот ја раскажува Талев со нарација слична на оваа на нобеловецот Андри. Сметам дека оваа година кога Прилеп е град на културата треба да се направи претстава која ќе биде одраз на градот кој постоел и се уште постои во старите градби во чаршијата. Во претставата се следи драмата на семејството на Стојан и Султана Глаушеви, вели режисерот Цветановски.
Тој ќе користи видео и сценски ефекти за да го долови тогашниот Прилеп во функција на целосно обликување на претставата.
За писателот Трајче Крстески предизвик е да се преведе од бугарски и да се драматизира делото на Талев. Актерот Владо Јованоски, кој заедно со Александра Пешева се повикани во претставата, првпат соработува со прилепскиот ансамбл и по 15 години во МНТ првпат е на сцената на друг театар во градовите во Македонија.
- Приказната допира, ја бранува душата и е ново искуство, вели Јовановски.
Покрај целиот ансамбл на прилепскиот народен театар во подготовките на „Железниот светилник“ вклучени се и пензионираните актери Благоја Спиркоски Џумерко и Трајче Иваноски. Сценографијата е на Владо Ќорески, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Оливер Јосифовски. Ова е првпат да се поставува Димитар Талев на сцената на прилепскиот театар.
Преземено од МИА
Преземено од МИА
Претплати се на:
Објави (Atom)