понеделник, 8 септември 2008 г.

Честит 8-ми Септември

На 8-ми Септември 1991 година се оствари вековниот сон на многу наши предци.
Независна и суверена Македонија!

петок, 5 септември 2008 г.

Златко Крстевски на стрип-фестивал во Херцег Нови

Во познатата галерија „Јосип Бепо Бенковиќ“ и на други локации во Херцег Нови, Црна Гора, од денеска до 10 септември ќе се одржува вториот стрип- фестивал, еден од водечките во регионов, на кој ќе гостува и стрип-авторот од Македонија, Златко Крстевски. Истовремено, ќе биде промовиран и стрип-фестивалот „Арт ноу бордерс“, кој ќе се одржи во Битола во соработка со Центарот за визуелни уметности „Визант“ од Прилеп. Поканети се и светски познати имиња од областа на деветтата уметност-стрипот, како Есад Рибиќ од Хрватска, кој работи за најтиражните стрип- изданија, Зоран Јањетов од Нови Сад, познат по стрип кариерата во Франција, Дубравко Матаковиќ од Хрватска и други.
Извор: Шпиц

четврток, 4 септември 2008 г.

Откриени траги од карпести гравири стари околу 32.000 години пред Христа!

Во околината на манастирот Трескавец кај Прилеп се пронајдени траги од карпести гравири стари околу 32.000 години пред Христа.
- На највисоката точка во близина на манастирот откривме траги од карпести гравири од типот на купулите. Значењето на ова откритие е поголемо кога се знае фактот дека овој вид карпести гравири се меѓу најстарите, кои проф. д-р Амати од Шведската архива за карпеста уметност ги става во временски рамки од 32.000 години пред Христа, вели Душко Алексовски од Македонскиот центар за карпеста уметност.

Тој додава и дека такви гравири забележале пред и зад манастирот. "Истражувањата во околината на Трескавец наскоро ќе продолжат и ќе траат се до целосното документирање на откриениот материјал", вели Алексовски, кој е изненаден од големата концентрација на квадратни вдлабнувања од подоцнежниот период.
Алексовски објаснува и дека купулите или вдлабнатите полутопки се гравири кои се поврзани со: култот на плодноста на луѓето; култот на плодноста на полињата и бујноста на ливадите и шумите; култот на сонцето и погребниот ритуал.

Европската агенција за реконструкција обезбедила средства за набавка на најмодерна опрема за видео и фотозаписи со што истражувањата се документирани.
Извор: Вечер

вторник, 2 септември 2008 г.

Гоце Бошкоски со награда во Зеница

На Радискиот фестивал Еуро Поп – Зеница 2008, пред повеќе од 30.000 публика, свое учество зедоа 20 европски земји, меѓу кои и нашиот претставник Гоце Бошкоски – Чоки, кој настапи со песната Оваа ноќ. Жирито составено од еминентни имиња во музичкиот свет од сите земји учеснички имаше тешка задача да ги распредели наградите...

Во потесниот круг, во битка за Гранд-При влегоа 7 држави и тоа: Хрватска, Турција, Грција, Бугарија, БиХ, Русија и Македонија, со нашиот претставник Гоце - Чоки. Главната награда Гранд-При отиде во рацете на Енрико Џако - од Италија, додека, пак, нашиот изведувач заслужено се закити со награда за најдобра интерпретација. Наградата за музика му припадна на Григор Копров за песната Мој слатки отрове, во изведба на Лука Ѓурѓевиќ од Црна Гора, за аранжман награда понесе песната на Кипријанос - Грција, а најдобар беше текстот на Јасмина Мушановиќ и Индира Мујкановиќ за песната Сломљена крила која ја изведуваше Јелена Павлиќ од Србија.
Извор: МММ

„Кумановски скулптори 2008“ во Прилеп

Во саботата во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура - „Марко Цепенков“ - Прилеп беше отворена изложбата „Кумановски скулптори 2008“. Изложбата ја координира Националната установа Центар за култура - „Трајко Прокопиев - Куманово. На изложбата со по три дела ќе бидат застапени академските скулптори: Азир Азири; Сашо Андевски; Синиша Кашавелски; Марина Цветановска-Мартиновска; Мирослав Величковски и Вања Зафировска.
Скулпторите во Куманово не се многубројни како сликарите и графичарите, но со своите дела заслужуваат соодветно внимание, вредно за едно пошироко претставување пред македонската публика. Работејќи на нивото на своите колеги од постоечкиот македонски скулпторски потенцијал, притоа пристапувајќи како класични скулптори или како концептуални креатори, кумановските автори и покрај скромната продукција сите овие изминати години даваа значаен придонес во обликувањето на вкупната слика за остварувањата во современата македонска скулптура, било да се работеше за експонирања во групни или самостојни проекти.
Изложбата во Прилеп ќе биде поставена во наредните 14 дена а потоа ќе се пресели во неколку галериски центри низ Македонија.
Извор: Culture.in.mk

понеделник, 1 септември 2008 г.

Пиво Фест '08

После многу неизвесност помина и шестото издание од Пиво Фестот или како што годинава се нарекуваше „Фестивал на пивото, скарата и мајтапот“. За разлика од претходните години, имаше помалку пивари, помалку скари и помалку посетители. Но, тоа не беше пречка за да не се ужива во нашето пиво и забавата која што ја понудија како организаторите така и локалните кафулиња. Најмногу внимание предизвикаа забавите „кај зидот“ каде што се пушташе електронска музика до кај 3 часот наутро. Се чини сепак премалку. За една ваква манифестација локалните власти треба да дозволат подолготрајна забава бидејќи имаше доволно посетители кои сакаа сеуште да се забавуваат. За танчерките не коментирам. Само се надевам дека другата година на тоа место ќе уживаме во целодневни забави со познати диџеи.
На главната сцена имаше од се по нешто и за старо и за младо. Најголема посета имаше за настапот на Александра Пилева кој што се претстави во одлично светло. За поздравување е фактот дека преовладуваа рок бендовите и понатаму треба да се размислува за носење на странски познати рок бендови на оваа манифестација.
Дефинитивно најголемо промашување и оваа година беа тоалетите, па така да никој не ги користеше и секој се снајдуваше како знај и умее. Едноставно трошоците за нивно поставување треба да ги сносат организаторите, а не посетителите.
За пофалба е и јавното комунално претпријатие кое навреме го расчистуваше ѓубрето кое го имаше во големи количини. Минус за несовесните посетители кои мислеа дека можат да прават што сакаат.
Годинава имаше послаба рекламираност на настанот. Но знаејќи дека организаторите беа нови не треба да им се забележува. Мислам дека годинава фестов се движеше во добар правец. Поголема ангажираност, носење повеќе пивари, помалку скари, подобра забава во градот...тоа му фали на пиво фестот.

четврток, 28 август 2008 г.

Александра Пилева во сабота настапува на „Пиво Фест“

Александра Пилева на 30. август ќе одржи концерт во рамките на манифестацијата „Пиво фест“ 2008 која традиционално се одржува во Прилеп.
На своите настапи во живо, Пилева ги претставува рефрените од новото цеде „Get Back To Studio Rock & Roll“ пред неговата официјална промоција во септември. Повратничкиот проект, за кој нагласи дека е нејзиниот прв вистински во кариерата, беше најавен со темата „Луда“, а на истиот сними и заеднички сингл со скопскиот метал состав „Dedicated for Life“.
Извор: Кирилица

среда, 27 август 2008 г.

Гоце Бошкоски на фестивал во Зеница

По 16-ти пат годинава, во Зеница (Босна и Херцеговна) се одржува најголемиот спектакл Радиски Регионален Фестивал, на кој во три вечери учесвтво ќе земат многубројни звучни имиња од целиот Балкан.
Организаторите учеството на пејачите го поделиле така што на 29. август е предвидено отворањето на фестивалот со изведувачи од БиХ, а на 30. август учество на 20 претставници на своите земји меѓу кои и нашиот единствен претставник - Гоце Бошкоски - Чоки, кој пред широкиот аудиториум ќе ја исполни темата Оваа ноќ, со која, пак, се закити со награда за најдобра интерпретација на Еврофест 2007 година.
Извор: МММ

понеделник, 25 август 2008 г.

Бесплатен рок концерт во Апореа

Утре 26.08 во рок клубот Апореа свој настап ќе имаат четири бендови од Македонија, Белгија и Франција: „Фолтин“ (Битола), „3Д“ (Кавадарци), „Fluklabass“ (Белгија) и „Sons of the Beach“ (Франција). „Fluklabass“ се претставени како delicate HXC бенд, додека французите „Sons of the Beach“ свират artistic post rock. Настанот започнува во 21.00 часот, а влезот е бесплатен