вторник, 18 март 2008 г.

„Јас сум од Титов Велес“ во Прилеп

Филмот „Јас сум од Титов Велес“ на режисерката Теона Стругар Митевска вчера премиерно беше прикажан во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Проекцијата на „Јас сум од Титов Велес“ беше од 20 часот во големата сала на Домот. На премиерното прикажување пред прилепчани присуствуваа и дел од екипата на филмот: режисерката Теона Стругар Митевска, актерката Лабина Митевска и дел од продуцентската екипа.
Прилепчани ќе имаат можност филмот да го гледаат и наредните денови зашто ќе се прикажува до 23 март.
Извор: МИА

сабота, 15 март 2008 г.

Изложба на Мариета Сидовски

Во галеријата при Домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена самостојната изложба „Земја од соништата“ од ликовната уметница Мариета Сидовски. Ќе бидат презентирани 44 дела - објекти изработени на дрво, во комбинирана техника со природни материјали настанати во периодот од 2006 до 2008 година.

среда, 12 март 2008 г.

Што мислите за општинскиот веб портал?

Можете да одговорите на анкетата од десната страна на блогов, а коментарите оставајте ги овде. Понудени се следниве три опции:
  1. Супер е (22 гласови)
  2. Не го бива (13 гласови)
  3. Не е толку лош (6 гласови)

понеделник, 10 март 2008 г.

Засади ја својата иднина

Во среда на 12 Март ќе се одржи акцијата „Засади ја својата иднина“ со која ќе бидат засадени околу два милиони нови садници. Воедно истиот ден е прогласен за ден на дрвото и е неработен, па се повикуваат сите жители да земат масовно учество и да помогнат да успее оваа акција. За Прилеп се обезбедени 20 автобуси кои ќе поаѓаат од сите средни и основни училишта како и од пред општината во 8.30 и 10.00 часот. Автобуси за назад ќе има на секои два часа. Местото на пошумување е во близина на селото Алинци. Вклучете се и бидете дел од новата, побогата со дрвја Македонија. Сепак, тоа е за наше добро.

Прочка 2008 (Слики и Клипови)

Бидејќи немаме автентични фотографии ќе се послужиме со постови од другите блогови:

сабота, 8 март 2008 г.

Прочка 2008

Со учество на над илјада учесници со 250 маски во недела во Прилеп ќе се одржи годинашниот седми по ред интернационален карневал „Прочка 2008 „. Низ булеварот ќе продефилираат бројни маски од Прилеп, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Србија и Грција. На вчерашната прес конференција организаторите Здружението „Прилепски мечкари“ и општина Прилеп соопштија дека маскараданата атмосфера ќе почне в сабота на плоштадот „Александрија“ со парада на мажоретките и градскиот оркестар и дефиле на странските маскирани групи. Воедно во сабота ќе биде отворена и ликовна изложба на цртежи на тема“Маски“ изработени од прилепските ученици. На отворањето на манифестацијата, сабота во 19 часот, ќе се одржи пригодна културно- уметничка програма. Фондот на награди за годинашниот карневал изнесува 58 илјади денари.
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески вели дека со оваа манифестација се продолжува долгогодишната традиција.
“Карневалот е можност преку маска и шега да се продолжи традицијата. Очекуваме бројни гости да го проследат карневалот кој финансиски освен општината со 200 илјади денари го поддржа и Министерството за култура“, вели градоначалникот Ристески.
Од Здружението “Прилепски мечкари“ велат дека досега пријавиле учество маскирани групи од земјава и странство.
“Шест месеци ги реализираме активностите за карневалот. Очекуваме да помине во најдобар ред и да пристигнат пријавените маски од земјава и од Словенија, Црна гора, Бугарија“, вели претседателот Ванчо Георгиев. Етнологот Александар Цветкоски, член на жирито, вели дека очекуваат годинава фестивалот да биде најбогат.
“Годинашната манифестација очекуваме да биде најбогата, да понуди препознатливи маски кои ќе ја одразуваат традицијата. Жири комисијата ќе ги оценува маските според општиот впечаток, уметничкиот квалитет, вложениот труд за изработката на маските и драмските елементи“, вели Цветкоски. Празникот Проштени Поклади, наречен “Прочка“ е првиот предвесник на големиот Христијански празник Велигден и го означува предвечерието на Големите пости за пречек на датумот на Христовото воскресение.
Извор: Нова Македонија

петок, 7 март 2008 г.

Златко Крстевски изложува во Москва

На меѓународната изложба "ГАЛЕРИЈА 21" во Москва, на тема "Акумулација" учествува и ликовниот уметник Златко Крстевски. На изложбата, која ќе трае до 20 март, учествуваат и уметници од САД ,Франција, Австралија, Белгија, Германија, Јапонија, Русија, Уругвај и од Италија. На изложбата секој уметник учествува со рачно изработена уметничка книга во еден единствен тираж. „Учествувам со минијатурен речник, посветен на македонските темплари, во кој се жигосани 100 печати - симболи на средновековна Македонија, испреплетени со урбани елементи, отцртувајќи го македонскиот идентитет“, вели Крстевски.
Во 2007 година тој ја доби третата награда во Копер, Словенија, на изложбата на цртеж , како и специјална награда за цртеж во Нанџинг, Кина.
Извор: Вест

Се подготвуваат „Барабани во ноќта“ и „Глави“

Претставата „Барабани во ноќта“, по текст на Бертолд Брехт, а во режија на Мартин Кочовски, почна да се подготвува во Прилепскиот театар. За два месеца, прилепската театарска публика ќе може да види два нови проекта, најавува Стојан Дамчевски, директор на прилепскиот театар. Ова е втор проект што се подготвува во Прилепскиот театар од почетокот на годинава. Во завршна фаза се и подготовките на претставата „Глави“ по текст на Петар Петрески, во режија на Бранко Ставрев. Сценографијата за претставата „Барабани во ноќта“ ја работат Јулијана Војкова - Најман, а музиката е на Марјан Нечак. Во претставата гостува актерката Илина Чоревска од битолскиот театар, а во проектот играат младите актери на театарот.
Извор: Време

среда, 5 март 2008 г.

Јованоски најдобар светски параглајдерист

Мартин Јованоски со само 17 години успеа да се искачи на првото место на светската ранг листа во параглајдерство во дисциплината прецизно слетување на цел. Оваа година тој победи на светскиот куп во Перник, беше втор во Крушево и трет во Хрватска и на светскиот куп во Литванија. Зад него останаа многу поискусниот Словенец Матјаж Ферарич и Србинот Зоран Петровиќ. Благодарение на него и Македонија се најде на одличното трето место во таа дисциплина. Јованоски беше прогласен и за најдобар спортист на Воздухопловната федерација на Македонија. Член е на параглајдерскиот клуб Делта од нашиот град од кој редовно произлегуваат успешни спортисти.