сабота, 10 ноември 2007 г.

Настани

Синоќа во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена четвртата самостојна изложба на икони на Орде Стамболџиески, додека во градската библиотека „Борка Талески“ беше промовирана збирката поезија на младиот прилепски артист Игор Трпчески.
Вечерва во 19.30 часот Центарот за култура во соработка со прилепскиот народен театар ќе ја прикажуваат монодрамата „Филип II“ во изведба на Петар Темелкоски.
Планинарското-спортско друштво „Козјак“ од нашиот град во недела организира марш на релација: с.Богомила-превој тунел-манастир Св.Петка-с.Гостиражни. Собирањето и тргнувањето е во 08.00 часот од железничката станица.

петок, 9 ноември 2007 г.

Станојоски испушти златен медал

Нашиот велемајстор Звонко Станојоски беше блиску до освојување на златен медал на европското првенство во шах во Грција. Тој освои 4,5 поени од 7 партии и беше нашиот најуспешен шахист. Со евентуална победа место ремито против Радослав Војташек во мечот од последното коло со Полска, Станојоски ќе се закитеше со златниот медал, а ако не играше, ќе имаше обезбедено бронза. Но, воден од двете победи во низа над Србинот Никола Седлак и над Гркот Јоанис Папајоану), првакот на Македонија реши да им помогне на колегите од националниот тим против Полјаците, иако тоа го чинеше медал. Македонија го освои 17-тото место, што е одличен успех.

Тутунски Комбинат-Пролет 29:26
Екипата на Тутунски Комбинат за четири дена стаса до две победи во првенството, овој пат совладувајќи го пред своите гледачи Т. Пролет од Скопје со 29:26. Викендов тутунарите гостуваат во Ресен на екипата на Преспа.

четврток, 8 ноември 2007 г.

Маестро Трпчески во Прилеп

Нашиот најреномиран пијанист Симон Трпчески, на 5-ти Декември по втор пат ќе настапи во Прилеп како дел од мини турнејата низ Македонија. Турнејата има хуманитарен карактер на која ќе свири композиции од Скријабин, Шопен, Брамс и две дела од Дебиси, кои ќе бидат прв пат изведени во Македонија. Освен во Прилеп свои концерти ќе има и во Гевгелија и Струмица. Еве што вели самиот Трпчески за оваа турнеја:
- Одамна ми е желба да свирам во секој град каде што има барем минимални услови. Програмата ќе биде пресек на длабоки чувства. Секое дело зборува за љубовта кон различни субјекти. Намерно ги избрав така, зашто љубовта е главен двигател на човекот. Се решив за овие дела зашто во нив има многу драма, што е обележје на нашиот менталитет и мислам дека треба да се негува. Драго ми е што ќе настапам во внатрешноста на нашата земја, зашто и таму има големи почитувачи на класичната музика.
Трпчески наскоро ќе замине во Англија, каде што треба да сними ново цеде, за ЕМИ, во која ќе влезе и „Пајдушко“ на Живојин Глушиќ, кој според нашиот виртуоз, е најизведуваниот македонски композитор надвор од земјава. Ќе следуваат концерти во Брисел, Хамбург, четири концерти во Англија, Малезија, Сингапур. До крајот на годината, ќе настапи со Филаделфискиот симфониски оркестар.

среда, 7 ноември 2007 г.

„Infest“ од Србија во Прилеп

На 18.11. (недела) во „Апореа“ свој концерт ќе одржи thrash-metal составот „Infest“ од Јагодина, Србија. Тие во Прилеп ќе го промовираат својот прв албум „Anger will remain“ издаден оваа година. Освен нив како бенд за поддршка ќе свират и „Skullcrush“ од Битола. Ова е некоја мини турнеја на „Infest“ низ Македонија каде освен во Прилеп ќе настапат и во Скопје во клубот „Кастро“. На свирката ќе можат да се купат и рекламни материјали од нив по пристапни цени: ЦД-200 ден, маица-300 ден, мал прешивач-60 ден и грбен прешивач-200 денари. Влезот е само 50 денари. Еве и неколку песни за преземање од нивниот албум:

вторник, 6 ноември 2007 г.

Златна плакета за Влатко Стефановски

По повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп, беа одржани бројни манифестации и доделување на дипломи и плакети. Највисоката награда, златната плакета за животно дело ја доби нашиот најдобар гитарист, член на култната група „Леб и Сол“, Влатко Стефановски. На свеченоста освен Стефановски со своја изведба настапи и мандолинскиот оркестар при МКЦ.
Претходно беше пуштено во употреба ново спортско игралиште во населбата „Рид“, а беше поставен и камен темелникот за трета лента од патниот правец Прилеп - Скопје (кај Плетвар) во должина од 10 километри.

понеделник, 5 ноември 2007 г.

Успешен викенд

Победа-Македонија ЃП 4:1
Фудбалерите на Победа после подолго време забележаа победа, совладувајќи го гостинот од Скопје со убедливи 4:1. Головите ги постигнаа Мегленски 27' (пенал), Ѓоровиќ 50', 81' и Итуа 55'. Следното коло гостуваме во Куманово против Башкими.

Тутунски Комбинат-ВВ Тиквеш 27:23
Конечно ракометарите на Тутунски Комбинат ја забележаа првата победа оваа година совладувајќи ја екипата на Винарска Визба Тиквеш од Кавадарци. Да се надеваме дека ова е почеток на една успешна серија на прилепските ракометари и пробивање на средината од табелата.

11 Oктомври-Струмица 3:2
Одбојкарите на 11 Октомври со пресврт ги победија гостинските одбојкари со 3:2 (25-21, 16-25, 19-25, 27-25, 15-13). Гостите имаа приговори кон судиите но се чини дека нашите играчи заслужено го добија овој дуел.

ЕП во Шах
Звонко Станојоски продолжува со добрите игри и во досегашниот тек има освоено 3 поени од 5 натпревари и е без пораз. Тој освои цел поен на четвртата табла во дуелот против репрезентацијата на Србија што беше клучно за победата над оваа шаховска репрезентација.

петок, 2 ноември 2007 г.

„Морталити“ свират во Скопје

Прилепскиот melodic-death состав „Морталити“ ќе свират утре во клубот „Кастро“ како дел од роденденската свирка на македонските метал форуми кои слават 5 години. Еве ја најавата за нив на истиот форум:
„Mortality, или македонските Hipocrisy како што ги нарекуваат, е бенд од Прилеп кој постои веќе неколку години. Уште во почетокот се ориентираа кон death-metal-от, отпрвин фавиоризирајќи го поцврстиот звук, за подоцна да се насочат кон помелодичните води на овој жанр. Mortality влегоа во финалето на минатогодишниот Рок фест, а имаа и забележителен настап заедно со Dedicated for Life, Victim Yield, Held so Dear во ноември минатата година. Оваа година Mortality, заедно со Mark of Cain од Канада издадоа сплит-издание (веќе распродадено кај нас, се работи на нов тираж) во кој се поместени пет песни. Иако во меѓувреме, дел од членовите на бендот се вклучија и во други бендови (Dedicated for Life и Maras), истите се определени Mortality, со својот карактеристичен звук и моќен вокал да продолжи да ја збогатува македонската метал сцена.“

Членови на Mortality се:
Бобан Петрески – гитара/вокали
Горјан Василески – бас
Драган Талески – тапани

Арт картички од средновековен Прилеп

Во издание на центарот за визуелна уметност „Визант“ од Прилеп, се отпечатени осум од планираните 24 арт картички за промоција на културното наследство на средновековен Прилеп. „За почеток требаше да се дојде до неколку тешко пристапни места низ Мариово, далеку од цивилизацијата, па постепено да се истражува. Посебен аспект ставивме врз византискиот средновековен фреско-живопис, црвата Св.Никола - Мариово, низ Зрзе и „Св. Никола“ во Варош“, вели уметникот Златко Крстевски, чија иницијатива е проектот. Тој е автор и на фотографиите и дизајнот на картичките за промоција на средновековен Прилеп.
Тој открива и дека картичките ќе бидат промовирани и во „Галерија 21 век“ во Москва - Русија, во рамките на меѓународен уметнички фестивал.

четврток, 1 ноември 2007 г.

Утре премиера на „Светилникот“

Вечерва прилепскиот народен театар ќе ја изведе претпремиерата на театарската претстава „Светилникот“ работена според романот „Железниот светилник“ на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски, додека премиерата е закажана за утре во 19.30 часот. Ова ќе биде прво претставување во Македонија на контраверзниот писател, инаку роден прилепчанец Талев. Според режисерот Цветановски, на сцената ќе бидат пренесени духот на авторот и духот на стариот Прилеп, на старите градски семејства, занаети и на старата прилепска чаршија преку приказната за едно семејство.
За подготовката на проектот, чиј буџет далеку ги надмина средствата и стигна до еден и пол милион денари, екипата од 60-ина луѓе користеше стари предмети и фотографии од познати прилепски семејства, а кај занаетчиите се снимени сцени и дијалози. Во фоајето на театарот ќе биде поставена изложба на графики од познатот прилепски сликар Аче, а снимена анкета ќе говори кој е всушност Димитар Талев.
За претставата, драматизацијата на романот на Талев „Железниот светилник“ ја направи Трајче Крстески, музиката е на Оливер Јосифовски, костимите на Благој Мицевски, сценографијата на Владо Ќоревски, а покрај целата актерска екипа на прилепскиот театар, гости актери се Владо Јовановски и Александра Пешевска.
Утрински Весник за „Светилникот“