четврток, 18 октомври 2007 г.

Уредување во центарот

Проектот за партерно уредување во центарот на градот кое што е во тек:

вторник, 16 октомври 2007 г.

М.Јованоски победи на Светскиот куп во Перник

Прилепскиот параглајдерист Мартин Јованоски, член на ПК Делта го освои првото место на Светскиот куп кој што се одржа во Перник, Бугарија. Тој победи во дисциплината „прецизно слетување на цел“ во конкуренција на 58 натпреварувачи од 10 земји. Претходно освои бронзен медал на светското првенство во Литванија. 17-годишниот Јованоски се наоѓа на одличното четврто место во генералниот пласман на ФАИ и тоа во конкуренција за сениори.
Ракометниот клуб Тутунски Комбинат загуби минимално на гостувањето во Битола од Пелистер со 32:31.
Викендов се одржа и меѓународниот турнир во стрелаштво „11 Октомври“. Членовите на Херој Прилеп не триумфираа во ниту една дисциплина иако освои повеќе втори и трети места. Сето тоа како резултат на поделеноста во стрелачкиот сојуз и отсуството од квалитетните натпреварувања.


понеделник, 15 октомври 2007 г.

Промоција на книга

Утре, 16.10 во 19.00 часот во Градската Библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи промоцијата на поетската книга „Остави ја тагата“ од Менче Настоска Кадинец. Промотори на книгата ќе бидат Мирјанка Р.Селчанец и Сузана Горгиоска.
Во среда, 17.10 во 19.00 часот ќе се одржи годишниот концерт на октетот „Прилеп“. Гости на концертот се Ванчо Петрушевски, Анета Ефтимова и Илија Бошкоски-Чоки. Влезот е бесплатен.

Заштитете ја околината!

Денеска е т.н. Blog Action Day кога илјадници блогови од целиот свет ќе постираат написи за заштита на околината во обид да ја подигнат свеста кај читателите. Од тука и апелот на Prilep Online, ЧУВАЈТЕ ЈА ОКОЛИНАТА! Не фрлајте ѓубре на сите страни, не ги уништувајте зелените површини, не сечете дрвја, не трошете ја чистата вода залудно, штедете ја струјата, јадете здрава храна...впрочем не треба некој да Ви кажува што треба да правите. Разбудете ја свеста во себе!

недела, 14 октомври 2007 г.

Елена Петреска 4-та на „Макфест“

На годинашното издание од поп фестивалот „Макфест“ кој што се одржа викендов во Штип, Елена Петреска се пласираше на четвртото место со песната „Кој знае“. Победник на 22-то издание на нашиот најреномиран фестивал беше дуото Ристо Самарџиев и Ирена Крстевска пред Дани и Елвир Мекиќ.






сабота, 13 октомври 2007 г.

Бесплатна обука за „Дигитален клуб“

Во градската библиотека „Борка Талески“ можете да се пријавите за бесплатна обука за користење на компјутер во рамките на новоотворениот „Дигитален Клуб“ т.е. електронската читална. Предвидено е со обуката да бидат опфатени оперативниот систем Ubuntu, канцеларискиот пакет Open Office и интернет прелистувачот Mozilla Firefox. Термините ќе бидат дополнително определени.
Електронската читална беше промовирана во средата. Целокупниот фонд на книги, списанија и стручна литература што ги поседува библиотеката ќе бидат достапни по електронски пат. Е-читалната е проект на фондацијата „Метаморфозис“, Градската библиотека, општина Прилеп и фондацијата за ИТ-ИТЦ Прилеп.

Изложби

Во ликовната галерија на Центарот за Култура „Марко Цепенков“ е поставена изложбата на фотографии од Марек Лабно - „Игра со темни-светли нијанси“, додека во галеријата на градската библиотека „Борка Талевски“ се поставени слики од ликовните уметници Борислав Талевски и Георги Дисановски-Дисан.

петок, 12 октомври 2007 г.

„Ѕвездички“ 2007

Од денеска до недела во Центарот за Култура „Марко Цепенков“ по седми пат ќе се одржи традиционалниот детски интернационален фестивал „Ѕвездички“ 2007 на кој ќе настапат голем број на деца од повеќе земји. Сите фестивалски вечери започнуваат во 19.00 часот. Доколку ве интересира историјата и организацијата на фестивалот посетете ја официјалната веб страна на фестивалот.

Победа-Шкендија 1:1

Екипата на Победа им приреди уште едно непријатно изненадување на своите симпатизери. На домашен терен ремизираше со екипата на Шкендија од Тетово, играјќи само 1:1. Поведоа домашните фудбалери со голот на Ѓоровиќ во 39 минута, а гостите израмнија во 47 минута со голот од пенал на Делиоски. Во продолжението на натпреварот иницијативата ја имаа фудбалерите на Победа, но сепак тие не успеаја да ја валоризираат теренската надмоќност и да забележат победа над последнопласираната екипа. На крајот, со право се појавија и сомнежи за регуларноста на натпреварот. Следниот натпревар е во Куманово против екипата на Милано на 21 Октомври.
Во пријателски натпревар, одбојкарскиот клуб 11 Октомври беше поразен од шампионот Работнички Фершпед со 0:3 во сетови. Сосема заслужена победа на подобриот и поискусен тим.