петок, 14 септември 2007 г.
Затворен базен во Прилеп?
Агенцијата за млади и спорт во соработка со Владата на Република Македонија ќе градат седум затворени базени низ целата држава. За жал во моментов Прилеп не е предвиден како град каде што ќе се гради ваков базен. Скопје, Куманово, Битола, Охрид, Тетово, Штип и Струмица се градовите кои што ќе добијат базени. Според одговорот што го добив од директорот на агенцијата во моментов постои барање за преиспитување на оваа одлука на владата по барање на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Сите љубители на пливањето во нашиот град очекуваат одлуката да биде променета и конечно да добијаме затворен базен кој е неостварена желба долги години не само на пливачкиот клуб „Маркови Кули“ туку и на голем број рекреативци. Причините зошто е потребен овај базен не треба да се бараат многу длабоко. Доста е тоа што Прилеп е еден од поголемите градови во Македонија, има голем број на ученици и студенти, голем број на спортисти и спортски клубови, постоење на пливачки клуб и голем број на рекреативци кои се желни за ваков пбјект. Не сакам да правам споредба со оние градови каде е предвидено да се градат затворените базени но повеќе од половината немаат ниту пливачки клуб. Да се надеваме дека оваа неправда во најскоро ќе биде исправена и Прилеп ќе го добија заслужениот затворен базен.
категории: За подобар Прилеп
Објавено од Prilep во 14:04
среда, 12 септември 2007 г.
Ден на слободниот софтвер во Прилеп
На 15 Септември (сабота) е светскиот Ден на слободен софтвер што ќе биде прославен и во Прилеп. Организаторот - ЛугоП најави дека на плоштадот „Александрија“ ќе биде изградена т.н. „слободна соба“ каде што сите заинтересирани ќе можат да пробаат слободен софтвер и оперативни системи, а доколку го донесат и својот компјутер ќе може да им биде инсталирана некоја дистрибуција на Linux. Исто така ќе се одржи и работилница за програмирање каде во фокусот ќе бидат Python, PHP и HTML,а ќе бидат прикажувани и филмови кои што се однесуваат на слободниот софтвер како што е „Revolution OS“. Еден дел од одбележувањето ќе се одржи и во Фондацијата за информатичка технологија каде што ќе се направат презентации за слободен софтвер, лиценцирање на слободен софтвер, GNU/Linux и сл.
категории: Настани, Технологија
Објавено од Prilep во 14:02
вторник, 11 септември 2007 г.
Шпанскиот филм „Патот за Обаба“ во петок
Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 14 Септември ќе се прикажува шпанскиот филм „Патот за Обаба“. Филмот кој што е во режија на Монцо Армендарис беше кандидат за Оскар во 2006 година. Проекцијата ќе биде на сцената 105, втор кат од центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 21.00 часот. Влезот е слободен
понеделник, 10 септември 2007 г.
Мартиноски поразен во четврт-финалето
Младиот прилепски тенисер Илија Мартиноски беше поразен во четврт-финалето на турнир во главниот град на Бугарија, Софија вреден 10.000 долари. Мартиноски со 2:1 во сетови загуби од домашниот тенисер Тодор Енев кој е 396 на АТП листата за разлика од нашиот тенисер кој е на 1248 место. Во првите две кола Мартиноски забележа победи над Јапонецот Такахиро Итоги и Шпанецот Игнасио Кољ-Рјудавец со максимални 2:0 во сетови.
недела, 9 септември 2007 г.
сабота, 8 септември 2007 г.
Ќе се уредува „Паркот на револуцијата“
Денеска свечено е одбележан почетокот на проектот за уредување на „Могилата“ т.е. „Паркот на револуцијата“. Целиот проект чини 120.000 евра од кои 80.000 евра се донација на швајцарската агенција за развој, а останатите се од локалната самоуправа. Со проектот се предвидува паркот да биде уреден, осветлен, да добие спортски терени и чуварска служба. Работите ќе ги изведува ЈП „Комуналец“. Со ова се надевам дека конечно овај простор ќе го добие вниманието што го заслужува и градот ќе добие уште едно убаво место за рекреација.
Кога сме кај „Могилата“ да спомнеме дека сеуште не се пронајдени 7-те бронзени бисти на народни херои кои беа украдени пред неколку месеци од Алејата. Да се надеваме дека набрзо ќе се вратат на вистинското место.
категории: За подобар Прилеп
Објавено од Prilep во 15:24
Честит 8-ми Септември
Денеска е еден од најважните датуми во поновата Македонска историја 8-ми Септември, денот на независноста. Сигурно сите знаете за неговото значење и затоа да не ја тупам, убаво да си го прославите и Македонија да ја изненади Русија на фудбалскиот натпревар. Честит празник!
петок, 7 септември 2007 г.
ОК 11 Октомври се подготвува за новата сезона
Одбојкарите на 11 Октомври засилено се подготвуваат пред стартот на новата сезона во која освен на домашна сцена за првпат ќе играат во европскиот ЦЕВ куп. Клубот го напуштија Катеринчо Груев и Дејан Гиновски кои се вратија во матичниот клуб Борец, а дојдоа дури пет нови одбојкари, Кристијан Ристески, Соте Најдоски и Никола Алексоски од Нико Доага, Драган Тодоров од Струмица и средниот блокер Златко Богојоски од кичевска Шутова.
Подготовките стартуваа на 10 Август, а беше одигран и еден пријателски натпревар со гостите од Црна Гора-Будванска Ривиера (0:3). Во следниов период треба да се одиграат уште неколку пријателски натпревари со екипите на Нико Доага и Лирија. На 7 Октомври ќе биде организиран меѓународен турнир во Прилеп, кој го поддржа и Агенцијата за млади и спорт.
Натпреварите во ЦЕВ купот се играат на 21 и 28 Октомври а противник е екипата на Сеат Нефелс од Швајцарија.
Лугоп
Претпоставувам дека малкумина слушнале и се запознати со работата на оваа група. Лугоп (Linux User Group of Prilep) е група на корисници на GNU/Linux оперативниот систем од нашиот град, формирани на 4 Март оваа година. Членовите претежно се средношколци иако има и повозрасни корисници на Linux. Целта им е да го промовираат овој оперативен систем како и воопшто слободниот софтвер, да им овозможат нивно користење на заинтересираните корисници и меѓусебна соработка.
Досега реализирани се неколку проекти меѓу кои: „GNU/Linux во училиштата“ - кампања која е спроведена во две средни училишта во Прилеп, „GNU/Linux и НВО“ - проект кој му овозможува на сите НВО пристап до GNU/Linux и слободен софтвер, делење на бесплатни дистрибуции, презентации и слично. Следниот проект кој ќе се реализира е одбележувањето на 15 Септември - меѓународен ден на слободниот софтвер.
Просториите на Лугоп се наоѓаат на улица Кузман Јосифоски бр.118 и се отворени секој ден од 09.00-15.00 часот каде што може да се проба GNU/Linux Ubuntu 7.04, GNU/Linux Xubutnu 7.04 и друг слободен софтвер.
категории: Технологија
Објавено од Prilep во 00:43
Претплати се на:
Објави (Atom)