петок, 8 мај 2009 г.

Избрани претставите за МТФ „Војдан Чернодрински“ 2009

Претставата „Свето срце“ од Љубиша Георгиевски, во продукција на Македонскиот народен театар, ќе го отвори 44. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој ќе се одржува од 5 ти до 11 јуни, соопшти денеска Петар Темелковски, претседател на Собранието на Фестивалот и селектор на програмата.
Од 28 понудени претстави на македонските театри, тој за официјалната фестивалска програма избрал десет, кои ќе се натпреваруваат за наградата за најдобра претстава на годинашната национална театарска манифестација.
Покрај „Свето срце“, во трка за наградите се и претставите: „Црна се чума зададе” на Битолскиот театар, „Глогов жбун” на Штипскиот, „Тапани во ноќта“ на домаќинот - театарот од Прилеп, „Последниот ден на Мисирков” во продукција на Народниот театар од Струмица, „Кинегонда во Карлаленд” на Драмски театар-Скопје, „Тетовирани души” на Кумановскиот театар, „Тероризам“ на Народниот театар од Велес, „Албански ноќи” на Албанскиот театар - Скопје и претставата „Сијах Калем” на Турскиот театар - Скопје.
Наградата за животно дело, според одлуката на Собранието на МТФ „Војдан Чернодрински“, ќе ја добијат актерите Димитар Костов од Македонскиот народен театар и Љубица Гојковиќ од Народниот театар Куманово.
- Со радост констатирам дека театарот во Македонија оди по нагорна линија, творечки заздравува. Се трудев да ги одберам најдобрите претстави од тие што ги гледав, според мојот концепт. Оваа година ќе имаме пет-шест текстови од домашни автори, што е и целта и непишано примарно значење на овој фестивал, истакна Темелковски на прес-конференцијата. Претставите тематски и жанровски се различни и тој се надева дека понудената програма ќе го задоволи истенчениот театарски вкус и остриот критериум на публиката.
Во придружниот дел на фестивалската програма ќе има пет до осум претстави кои дополнително ќе бидат утврдени. Се договараат и четирите теми за кои ќе се дискутира, а ќе ги опфатат аспектите и проблемите на театарското творештво.
Во чест на актерите кои ќе ги освојат наградите на 44. фестивалско издание, на свеченото затворање Драмски театар ќе ја изведе претставата „Лебедова песна“ од Чехов во режија на Бранко Ставрев, која премиерно беше изведена на матичната сцена пред една недела.
Македонскиот театарски фестивал нема финансиски проблеми и ја има поддршката на Министерството за култура и прилепската локална самоуправа, кои се негови покровители.
Извор: МИА