недела, 23 ноември 2008 г.

„Службогонци“во прилепски театар

Ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечерва, во 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Службогонци“, работена според текст на Иван Вазов, во режија на Софија Ристовска. Главните улоги ги толкуваат актерите Трајче Иваноски и Марјан Чакмакоски. Во претставата ќе настапи речиси целиот актерски тим на театарот. Мери Јован е авторка на костимите и на сценографијата, за видеото се погрижи Филип Јованоски, а Илија Филипоски ја направи музичката илустрација.Режисерката Ристовска се одлучила за Вазов бидејќи текстот е актуелен, иако е стар повеќе од сто години.

- Претставата е комедија со трагичен призвук. Ја донесува денешнината, во која се моли за работа, за статус во општеството. Тоа можеби изгледа смешно, сепак е трагично. Очекувам публиката да се препознае во претставата - вели Ристовска. Раководителот на театарот Стојан Дамчески вели дека публиката има потреба малку да се релаксира, по длабочината и силниот меѓународно потврден квалитет на претходната претстава, „Тапани во ноќта“.

- Комедијата е фах на Иваноски и Чакмакоски. Се надевам на дека „Службогонци“, со актуелноста и со играта, ќе ја импресионира публиката и долго ќе биде поставена на сцената - вели Дамчески.
Извор: Дневник