четврток, 14 август 2008

„Тапани во ноќта“ на седум фестивали

„Тапани во ноќта“, во режија на младиот битолчанец Мартин Кочовски, претстава со која прилепскиот театар успешно го почна пробивот на театарските сцени надвор од Македонија, ја очекуваат неколку изведби на врвни театарски фестивали во регионов, што се случува за првпат во историјата на куќата. Претставата, работена по не многу често поставуван текст на Бертолд Брехт, откако неодамна успешно помина на театарскиот летен фестивал „Белеф“ во Србија, ќе биде изведена и на престижниот фестивал „Експонто“ во Љубљана, како и на МЕСС во Сараево. Изведбите во Словенија, односно во БиХ се закажани за 23 септември, односно за 19 октомври. По нив следат настапи на сцените во Зеница и во Подгорица, а во план е и гостување во Албанија.
- Ова е првпат во досегашното постоење на куќата да учествуваме на престижни фестивали. Се надеваме дека овие настапи ќе бидат историски за нашиот театар - вели Стојан Дамчески, раководител на театарот. Приказната е лоцирана во 1921 Берлин, кога се случува крајот на Спартанистичкото востание против власта. Војник, оптоварен со сите специфики на поствоениот синдром по Првата светска војна, се враќа дома со надеж дека барем љубовта останала. Но, војната оставила траги и во животот на неговата сакана...
„Тапани во ноќта“ е ансамбл-претстава во која 17 актери се постојано на сцената. Во претставата гостува битолската актерка Илина Чоревска. Одѕивот за претставата од првиот настап на белградскиот фестивал „Белеф“ беше извонредни. Со „Тапани во ноќта“ прилепскиот театар планира гостување и на фестивал во Санкт Петербург, Русија.

Извори: Време, Дневник